АНАХРОНОСТА НА ТВРДАТА МОЌ ЗА СОЗДАВАЊЕ НОВ СВЕТСКИ ПОРЕДОК

  • Меката моќ е помалку ризична за примена од воената или од економската, а очигледно и поефикасна од познатата т.н. тврда моќ. Затоа, денес, победата не се мери само со освоена територија туку со контрола врз наративот. Симпатиите на меѓународната јавност, дипломатските коалиции, економските санкции и културното влијание често имаат поголема тежина од класичната воена сила

Во последниве години, во аналитичките кругови сè почесто се повторува тезата дека светот влегува во нов постправилен поредок, како еден вид геополитичка џунгла во која силата повторно станува врховен арбитер. Војните во Украина, Блискиот Исток и во други жаришта се наведуваат како доказ дека мултилатерализмот слабее, а империјалните амбиции се враќаат на сцена.
Но оваа дијагноза, иако привлечна поради својата драматичност, е суштински погрешна. Она што го гледаме не е раѓање на нов поредок, туку симптоми на длабока неспособност да се создаде каков било поредок преку воена сила.

Парадоксот на модерната војна е „уништување без исход“

Ако нешто ја дефинира ерата по 1945 година, тоа е драматичното намалување на „ефикасноста“ на војната како средство за политичко решавање. Историјата на последните осум децении е преполна со конфликти во кои воената надмоќ не довела до трајна победа.
САД не успеаја да наметнат стабилен поредок во Виетнам, Ирак или во Авганистан. Советскиот Сојуз доживеа сличен неуспех во Авганистан. Русија, и покрај огромната воена моќ, не успева да ја покори Украина. Интервенцијата во Либија го собори режимот, но не создаде држава. Израел, и покрај масивната воена сила, не успева да постигне политичка стабилност или легитимитет во своите конфликти.
Овие примери не се исклучоци, туку тие станаа правило. Модерните војни произведуваат разурнување, но не и решенија. Тие создаваат вакууми, а не поредоци.

Зошто тврдата моќ повеќе не функционира

Причините за оваа трансформација се длабоки и структурни. Прво, деколонизацијата го фрагментираше светот и ја намали способноста на големите сили да контролираат територии и народи на долг рок. Второ, глобализацијата создаде комплексна меѓузависност, и тоа економска, енергетска и политичка, што значи дека секој конфликт сега има „глобални последици“, кои излегуваат од контрола на неговите иницијатори. Тоа е уште еден превид на глобалистите, кои сите војни (локални, или регионални) ги претворија во глобални светски војни на раб на несогледливи последици.
Трето, подемот на недржавни актери, од невладини организации до терористички мрежи, ја разгради класичната логика на државна моќ. Денешните конфликти ретко се водат меѓу две јасно дефинирани армии. Тие се асиметрични, долготрајни и отпорни на класични воени решенија.
И конечно, информациската ера ја трансформираше самата природа на моќта. Јавното мислење, медиумите и социјалните движења станаа фактори што можат да поништат воени победи на теренот.

Подемот на меката моќ

Во таков контекст, меката моќ, односно способноста да се влијае преку идеи, некакви спакувани вредности, култура, филм итн. се легитимира и станува многу поефикасна од тенковите и ракетите (како тврда моќ). Мека моќ е академски поим што го разви американскиот политиколог Џозеф Нај, за време на расправите за американската моќ кон крајот на дваесеттиот век. Терминот е прифатен и во политиката и во меѓучовечките односи. Меката моќ е форма на моќ, па затоа може да се користи како за добри така и за лоши цели, впрочем, како и другите форми на моќ. Меката моќ, како форма на моќ, претставува средство да се постигне саканиот резултат. Таа не е ограничена само на држави или на меѓународни односи. Влијателни невладини организации, меѓународни и национални институции користат мека моќ, но ја користат и терористички организации, дури и славни личности од светот. Меката моќ се базира на три основни ресурси, и тоа на културата на државата, на политичките вредности, како и на надворешната политика. Како за пример, културата е многу важен ресурс на моќ, со оглед на фактот што некои нејзини аспекти се универзални, некои национални, а некои поврзани со индивидуални социјални класи или групи. Сликовито кажано, културната привлечност на западните земји, особено на САД, е широко прифатена во целиот свет. Американските филмови, серии, книжевност, музика, уметност, животниот стил – влијаат на милијарди луѓе, особено на младите луѓе од други држави. Меката моќ е помалку ризична за примена од воената или од економската, а очигледно и поефикасна од познатата т.н. тврда моќ. Затоа, денес, победата не се мери само со освоена територија, туку со контрола врз наративот. Симпатиите на меѓународната јавност, дипломатските коалиции, економските санкции и културното влијание често имаат поголема тежина од класичната воена сила.
Примерите се многубројни. На пример, глобалната поддршка преку медиумите и пропагандата за Украина значително ја засили нејзината позиција, и покрај воената асиметрија. Палестинското прашање добива сè поголема меѓународна легитимност поради глобалното распространување на одреден тип информации, иако на теренот постои воена нерамнотежа. И други држави, сè почесто ги користат правната и дипломатската рамка и сиот инструментариум на глобална комуникација со јавноста како средство за отпор кон поголеми сили.

Крајот на една ера

Историски гледано, војната некогаш имаше двојна природа. Таа уништуваше, а и создаваше нови поредоци. Последниот голем пример за тоа е 1945 година. Од тогаш наваму, овој модел постепено исчезнува. Денес, војната сè повеќе е анахронизам. Тоа е алатка од минатиот век што не одговара на комплексноста на современиот свет. Таа може да руши, но не и да гради. Затоа, наместо да сведочиме на раѓање на нов светски поредок заснован на сила, ние гледаме нешто сосема поинакво. Сведоци сме на криза на старите инструменти на моќ и гледаме бавно, често хаотично, преминување кон нови форми на влијание. Во тој свет, победуваат не оние што имаат најсилна армија, туку оние што најуспешно ја обликуваат реалноста без да пукаат. Р.С.