Екипите на ЈП „Комунална хигиена-Скопје“ во текот на април расчистиле вкупно 2.750 кубни метри мешан комунален, кабаст и градежен отпад од диви депонии низ сите скопски општини. Најголемо количество непрописно одложен отпад е отстрането во општина Карпош.
Во истиот период, претпријатието собрало и транспортирало 14.915 тони мешан комунален отпад од домаќинствата на територијата на градот.
Паралелно, службите продолжиле со редовното одржување на јавната хигиена на булеварите и улиците под надлежност на Град Скопје. Секојдневно се врши машинско и рачно метење и миење, како и чистење на централното градско подрачје – плоштадот и улицата Македонија, плоштадите Филип Втори, Мајка Тереза и Богородица, пешачките мостови, тротоарите на мостовите „Гоце Делчев“ и „Слобода“, како и Старата скопска чаршија.
Покрај теренските активности, во април бил реализиран и едукативен дел. За 208 ученици во скопските училишта биле одржани предавања за примарна селекција и правилно управување со отпадот. Во градинката „Весели цветови“ – клон „Синоличка“ во општина Кисела Вода била организирана и еко-манифестација по повод Денот на планетата Земја.



































