ПОВОД: ПОВЛЕКУВАЊЕТО НА АМЕРИКАНСКИТЕ ВОЕНИ ТРУПИ ОД ЕВРОПА
- Пентагон деновиве официјално потврди дека по наредба на претседателот Доналд Трамп ќе бидат повлечени околу 5.000 американски војници од Германија. Одлуката, според Министерството за одбрана, е донесена по „темелна ревизија на военото присуство во Европа“ и ќе се реализира во наредните од шест до дванаесет месеци. Одлуката доаѓа по зголемените тензии меѓу Вашингтон и европските сојузници. Според американски медиуми, потегот е сигнал на незадоволството на Трамп од, како што смета тој, „недоволната поддршка од Европа во воените напори на САД и Израел против Иран“. Во врска со повлекувањето на американските трупи дома, разговаравме со повеќе воени и политички аналитичари, за тоа што значи овој потег на Трамп, дали токму ова е почетокот на новата ера за НАТО или некаков негов геополитички експеримент?
Од брифингот со повеќемина безбедносни и политички аналитичари, дел од нив од регионот, а еден од Брисел, се добива впечаток дека одлуката на Пентагон за повлекување на околу 5.000 американски војници од Германија не е само оперативен потег туку сигнал за потенцијална трансформација на трансатлантската архитектура. Во комбинација со најавите за можно намалување на присуството на контингентот на САД во Италија и Шпанија, оваа стратегија отвора низа прашања за иднината на Европа, улогата на НАТО и за глобалните приоритети на САД.
ЕВРОПА БЕЗ АМЕРИКАНСКИОТ ШТИТ?
Американското воено присуство во Европа долго време се сметаше за столб на безбедноста. Но бројките веќе се менуваат. Имено, според соговорниците, во Германија има околу 35–40 илјади војници, а сега е планирано повлекување на 5.000. Потоа, во Италија има приближно околу 12.000 војници, но се планираат ревизија на таа бројка и намалување. Во Шпанија има апроксимативно 3.000 војници, во стратешки бази како Рота, но и таму ќе има ревизија на присуството. Сѐ на сѐ во Европа има од 65 илјади до 70 илјади американски војници. Но бројката ќе се намалува, со сигурност. Ова не е целосно повлекување, но е прв значаен чекор кон редефинирање на американскиот воен контингент во Европа, тврдат нашите соговорници.
ИСТОРИСКИ ПАРАЛЕЛИ: ДАЛИ ОВА ВЕЌЕ СЕ СЛУЧИЛО ВО ЕВРОПА И ИМА ЛИ ВЕРОЈАТНОСТ ЗА ПОГОЛЕМ СТРЕС ЗА БРИСЕЛ?
Нашите соговорници, за читателите на „Нова Македонија“ потсетуваат дека ова не е првпат САД да го намалуваат присуството во Европа.
– За потсетување, по завршувањето на Студената војна, американските сили во Европа паднаа од околу 300.000 на помалку од 100.000. Логиката на овој потег беше дека „нема повеќе советска закана“… Натаму, во администрацијата на Доналд Трамп (2017–2021) имаше еден исклучително сериозен притисок врз Германија, првпат во неговиот мандат, кога беше најавено повлекување на приближно 12.000 војници, што беше делумно реализирано. И уште еден факт за потсетување, а е во истиот контекст, дека по почетокот на руско- украинскиот конфликт, САД повторно го зголемија присуството и Европа повторно стана приоритет. Денешната одлука практично ги враќа силите на исто ниво како и пред 2022 година, велат нашите соговорници, регистрирајќи динамика на флуктуација на американските трупи „од и во Европа“…
– Од Германија, министерот за одбрана Борис Писториус внимателно реагираше. Тој признава потреба Европа да стане посамостојна, но предупредува дека процесот ќе трае со години, односно зафатот за повлекување на американската војска нема да биде реализиран наеднаш.
– Од Франција, претседателот Емануел Макрон одамна турка идеја за „стратешка автономија на Европа“. Овој потег му дава дополнителен аргумент, а и мотив да притисне уште повеќе и да даде нов импулс кон милитаризација на Европа, поттикнувајќи ги либералните бриселски елити и високата бирократија на ЕУ да продолжат со милитантните политики и во Украина и на полето на развој и инвестиции во наменската воена индустрија.
– Во Источна Европа, во Полска и балтичките земји, владите се најзагрижени и на секој чекор во јавноста демонстрираат „страв од намалена одвраќачката моќ кон Русија“, како и барања за постојано, ненамалено присуство на САД.
Бура во чашата на НАТО, реформа или тешка фрактура?
Според соговорниците, НАТО сѐ уште формално останува обединето. Но тие веднаш додаваат дека реалноста е посложена. Според нашите соговорници, сосема се забележливи нови трендови.
– Новите трендови на преструктуирање на Алијансата се во насока на зголемување на буџетите за одбрана, потоа во насока на формирање европски борбени капацитети, како и поголема улога на ЕУ во воениот дел. Но клучниот проблем е што „Европа сè уште зависи од САД во врска со разузнавањето, логистиката и нуклеарниот чадор“! Со други зборови, реформата е во тек, но не е завршена. Но, исто така, прашањето е „зошто не реагира нашата заменичка на генералниот секретар на НАТО?! Таа се однесува толку инертно и ништо не сработува за својата земја, како да не чувствува дека токму сега е моментот кога може многу да се стори – додаваат нашите соговорници.
Еден од соговорниците ја истакна и економската димензија на воените бази.
– Американските бази не се само воени. Имено, илјадници работни места се на располагање, многу локални бизниси се развиваат од нив, постојат и многу примери каде што инфраструктура на државите домаќини е финансирана од САД. Во Германија, цели региони економски зависат од присуството на американската армија – тврди еден од соговорниците.
КРАЈ НА ЕДНА ИЛУЗИЈА
Со децении Европа живееше со претпоставката дека американската заштита е трајна и безусловна. Ова повлекување ја руши таа претпоставка. Не станува збор само за 5.000 војници. Станува збор за промена на филозофијата на безбедноста.
– Едно е јасно. Трансатлантскиот однос влегува во нова фаза. Дали тоа е еволуција или почеток на раздвојување? И едно и друго – велат нашите соговорници, додавајќи неколку аргументи во прилог на својата теза.
Имено, според соговорниците, прво САД сега имаат фокус кон Азија.
– САД ја гледаат Кина како главен ривал. Индопацификот станува приоритет, а Европа станува „секундарен театар“ – велат тие.
Второ, актуелноста на Блискиот Исток, каде што тензиите со Иран бараат ресурси и внимание.
И трето, внатрешна политика си го прави своето влијание, при што американските гласачи сè повеќе поддржуваат помалку странски ангажмани и повеќе домашни инвестиции, заклучуваат нашите соговорници. Р.С.
Полскиот премиер длабоко разочаран од потегот на Трамп за повлекување на американските трупи од Германија
Туск: Повлекувањето на американските војници е знак за распад на НАТО
Полскиот премиер Доналд Туск изрази сериозна загриженост поради најавеното повлекување на околу 5.000 американски војници од Германија, оценувајќи дека овој потег е сигнал за продлабочување на кризата во НАТО.
– Најголемата опасност за трансатлантската заедница не доаѓа од надворешни непријатели, туку од постепениот распад на нашата Алијанса, кој продолжува – изјави Туск, ставајќи акцент на внатрешните слабости и недостигот од единство меѓу сојузниците.
Во меѓувреме германскиот министер за одбрана Борис Писториус ја оцени одлуката на САД како „очекувана“. Тој посочи дека „намалувањето на американското воено присуство во Европа, вклучувајќи ја и Германија, било предвидливо и дека Берлин ќе продолжи со блиска соработка со Вашингтон во областа на безбедноста“.
Писториус нагласи дека американското воено присуство во бази како Рамштајн и Франкфурт останува „важен дел од заедничките интереси на двете земји, и покрај најавените промени“. Р.С.

































