Фото: Маја Јаневска-Илиева

Ограничена јурисдикција за воени интервенции на Северноатлантската алијанса

  • Според членот 6 од Северноатлантскиот договор, колективната одбрана се активира ако се случи напад на територии во Европа или
    Северна Америка или на острови под јурисдикција на членка на НАТО, но само доколку тие се наоѓаат северно од таканаречениот Раков
    Напоредник! Со тоа, не сите територии на земјите членки автоматски влегуваат под заштитниот чадор на Алијансата!
  • Токму оваа замислена линија (на околу 23,5 степени северна географска ширина) што ја означува северната граница на тропскиот појас не е само со географско и астрономско значење туку во контекст на НАТО таа добива и јасна правно-политичка улога! Имено, членот 5 е ограничен со помалку познатиот член 6!

Кога се зборува за НАТО, најчесто во фокусот е познатиот член 5, односно принципот на колективна одбрана, според кој „напад врз една членка се смета за напад врз сите“! Но, во тој контекст, многу поретко се спомнува членот 6, кој всушност го дефинира географскиот опсег на оваа обврска.
Токму тука се крие една важна, но често занемарена граница. Тоа е границата на т.н. Раковиот Тропик (Tropic of Cancer), која е замислена линија на Земјината топка, што се наоѓа на околу 23,5 степени северна географска ширина, односно тоа е најсеверната точка на која Сонцето може да биде точно во зенитот, напладне (оваа појава се случува еднаш годишно, за време на јунската краткодневица, околу 21 јуни). Карактеристичното име Раков Тропик доаѓа од соѕвездието Рак, бидејќи во минатото Сонцето било во тоа соѕвездие за време на летната краткодневица, а името „тропик“ е дека е северната граница на Земјиниот тропски појас. За потсетување, напоредници (или паралели) се замислени, меѓу себе паралелни кружни линии, кои ја обвиткуваат Земјата во правец од запад кон исток (во смисла на ротација на Земјата) и опишуваат полн круг од 360 степени. Најголем напоредник е екваторот, кој ја дели Земјата на северна и јужна полутопка.
Токму една од овие замислени линии односно напоредник на околу 23,5 степени северна географска ширина, која ја всушност ја означува и северната граница на тропскиот појас, не е само со географско и астрономско значење! Имено, во контекст на НАТО тој напоредник добива и јасна правно-политичка улога!
Според членот 6 од Северноатлантскиот договор, колективната одбрана се активира ако се случи напад на територии во Европа или Северна Америка или на острови под јурисдикција на членка на НАТО, но само доколку тие се наоѓаат северно од Раковиот Напоредник! Со тоа, не сите територии на земјите членки автоматски влегуваат под заштитниот чадор на Алијансата!
Во пракса ова значи дека членот 5 важи за цела Европа, вклучувајќи и држави како Германија, Франција, Италија, Грција и Македонија. Исто така, важи и за САД и Канада, како и за европскиот дел и целата територија на Турција.
Дополнително, под оваа рамка влегуваат и острови северно од линијата, како што се Исланд и Гренланд, кои иако се географски одвоени, сепак се дел од северноатлантската зона.
Но ситуацијата е поинаква за територии јужно од т.н. Раковиот Напоредник. На пример, Франција иако е членка на НАТО, нејзините прекуокеански територии во Карибите, како Гваделупе и Мартиник, не се автоматски опфатени со членот 5. Истото тоа важи и за делови од Кралството Холандија, како што се Аруба и Курасао.
Од друга страна, некои територии на Обединетото Кралство, како Бермуда, се наоѓаат северно од т.н. Раков Напоредник и би биле опфатени, додека други британски територии во појужни региони не би биле.
Оваа географска дистинкција значи дека НАТО останува регионален сојуз, а не глобален безбедносен механизам.
Напад, на пример, врз европска членка како Полска или Норвешка речиси сигурно би го активирал членот 5. Но напад врз остров во Карибите, дури и ако е под суверенитет на земја членка, би барал дополнителна политичка одлука.
Историски, ова ограничување има корени во времето на основањето на НАТО во 1949 година, кога приоритет била одбраната на северноатлантскиот простор во контекст на Студената војна. Со други зборови, Алијансата била замислена како одбранбен штит за конкретен географски регион, а не за сите глобални интереси на нејзините членки.
Денес, во време на глобални закани и сложени безбедносни предизвици, оваа „линија на 23,5 степени“ останува дел од правната рамка на НАТО. Таа покажува дека дури и најсилните сојузи имаат јасно дефинирани граници, и тоа не само политички туку и географски.
На крајот, т.н. Раков Напоредник не е само апстрактна линија на картата. Тој претставува конкретна граница меѓу автоматската колективна одбрана и зоната во која одлуките стануваат политички. За нашите читатели, тоа е потсетник дека зад едноставните формулации често се кријат сложени правила што можат да бидат пресудни во клучни моменти. Р.С.


Неколку европски земји и земји членки на НАТО сè уште управуваат со територии (нивни поранешни колонии) далеку од нивните државни граници

Надвор од членот 5: Кој ќе ги брани далечните „европски“ територии?

  • Неколку европски земји и земји членки на НАТО сè уште управуваат со територии (нивни поранешни колонии) далеку од нивните непосредни граници. Од Карипско Море до Индиски Океан, делови од Европа се наоѓаат илјадници километри далеку од Европа, при што сѐ погласно се поставува прашањето од страна на поранешните колонијални империјалистички европски сили „дали постои колективен механизам за нивна одбрана“. Можеби некаква клаузула за „заемна одбрана на ЕУ“ потенцијално би можела да се примени на прекуокеанските земји, за разлика од членот 5 на НАТО…

Теоретски, една земја членка на НАТО може да го активира членот 5 на Алијансата за да побара помош во случај да биде нападната. Но клаузулата за колективна одбрана не се применува насекаде, а нејзиниот географски опсег, како што објаснивме во претходниот текст, всушност е дефиниран во многу помалку познатиот член 6.
Имено, за потсетување, тој наведува дека за да се активира членот 5, мора да се случи оружен напад „на територијата на која било од страните во Европа или Северна Америка (…), на територијата на Турција или на островите под јурисдикција на која било од страните во северноатлантската област северно од Раковиот Напоредник. Затоа, крајната безбедносна гаранција на НАТО не се протега на голем дел од прекуокеанските територии на Европа. Може ли клаузулата за меѓусебна помош на ЕУ да ја пополни празнината?

Што означува членот 42(7) од договорите на ЕУ за разлика од членот 5 на НАТО?

За разлика од членот 5 на НАТО, членот 42(7) од договорите на ЕУ не е клаузула за меѓусебна одбрана, туку клаузула за т.н. „меѓусебна помош“. Во таа клаузула од договорите на ЕУ нема географско ограничување. Доколку се активира, тоа дава гаранција дека „сите земји членки на ЕУ се должни да ѝ помогнат со сите средства во нивна моќ на земјата членка што трпи оружен напад на нејзина територија“. Деновиве ова го потврди портпаролката на Европската служба за надворешни активности (ЕЕАС), Анита Хипер, за реномираниот медиум „Еурактив“.
Во секој случај, поради зголемените воени тензии на глобален план, темата за меѓусебната помош на ЕУ е сè повеќе предмет на политичка дебата во Брисел. Неколку земји членки остануваат претпазливи во врска со нејзините потенцијални импликации, особено ризикот дека поексплицитното потпирање на механизмите за меѓусебна одбрана на ЕУ би можел да го забрза планираното делумно повлекување на САД. За издвојување е дека токму во тековнава работна седмица се очекува дипломатите на ЕУ да извршат симулација на примената на членот 42(7), кој останува политички дефиниран, а не јасно тестиран.

Која од бившите европски империјални и колонизаторски сили има прекуокеански територии?

1. Франција е земјата членка на ЕУ со најмногу прекуокеански територии. Надвор од т.н. Раков Тропик, па затоа и надвор од опсегот на членот 5 на НАТО, Париз ја контролира Француска Гвајана во Јужна Америка, дом на европскиот космодром на ЕСА. Исто така, ги вклучува Гвадалупе, Мартиник, Свети Мартин и Свети Вартоломеј на Карибите. Во Индиски Океан, Реинион и Мајот остануваат дел од француската држава. Безбедноста на овие територии е одговорност само на француските вооружени сили, но како дел од Европската Унија, секој оружен напад би можел да го натера Париз да го активира механизмот за заемна помош на ЕУ.
2. Холандија исто така ги држи карипските територии, вклучувајќи ги Аруба, Курасао, Свети Мартин, Бонер, Свети Евстатиј и Саба.
Во врска со ова, медиумот „Еурактив“ и официјално се обратил до холандската влада односно до нивното МНР. Оттаму, портпаролот на холандското министерство за надворешни работи потврди дека „овие територии спаѓаат надвор од географскиот опсег“ на членот 5 на НАТО бидејќи се наоѓаат јужно од споменатиот Раков Тропик.
На прашањето за членот 42(7), портпаролот на холандското МНР одговори дека одредбата „зборува сама за себе“ и „треба да се разбере како израз на солидарност меѓу земјите членки на ЕУ“.
Интересно е тоа што на прашањето на „Еуроактив“ за обемот на помошта од ЕУ, портпаролот на холандското МНР потврди дека „Гренланд е дел од територијата на Кралството Данска и затоа е опфатен со клаузулата за заемна помош“. Покрај тоа, Гренланд се наоѓа далеку над Раковиот Тропик, што го прави и подобен за заштита на НАТО според неговата географска рамка.
3. Шпанија е уште една интересна студија на случај во врска со членот 6. Нејзините енклави Сеута и Мелиља во Северна Африка се чини дека се наоѓаат во сива зона, бидејќи се наоѓаат надвор од Европа и Северна Америка.
Во 2022 година, пред самитот на НАТО во Мадрид, прашањето накратко се појави во домашната политичка дебата во Шпанија.
Но шпанскиот премиер Педро Санчез ја отфрли контроверзноста. Тој рече дека Шпанија е членка на НАТО повеќе од 40 години без да се отворат такви сомнежи, нагласувајќи дека „Сеута и Мелиља се Шпанија“. Ако може да се дебатира за применливоста на членот 5 од НАТО, нема таква двосмисленост во врска со клаузулата за заемна помош на ЕУ.
4. Велика Британија, членка на НАТО надвор од ЕУ, задржува 14 прекуокеански територии под суверенитет на британската круна. Тие територии се расфрлани низ Карибите, Атлантски Океан и Тихи Океан. Повеќето исто така се наоѓаат надвор од основната географска рамка на членот 5 од НАТО. Токму нив ги врати во фокусот неодамнешната геополитичка дебата.
Ова вклучува обновено внимание на спорот за Фолкландските Острови. Во неодамнешна интерна е-пошта (објавена од „Ројтерс“, за што пренесовме и во „Нова Македонија“), Министерството за одбрана на САД наводно размислувало за „преиспитување на ставот на Вашингтон за суверенитетот на островите, делумно поради перципираниот недостиг од поддршка од Велика Британија во врска со војната меѓу САД и Израел во Иран“. Британските прекуокеански територии, кои спаѓаат надвор од членот 5 на НАТО, се потпираат исклучиво на Лондон за нивна заштита.
5. САД исто така се соочуваат со географско прашање. Хаваи се наоѓа јужно од т.н. Раков Напоредник. Имено, територии како што се Порторико, Гуам, Американските Девствени Острови и Американска Самоа исто така спаѓаат надвор од традиционалната северноатлантска рамка на договорот. Затоа, тие се надвор од строгиот географски опсег на членот 5. Но, сепак, тие можат да сметаат на фактот што зад нив стои една од најголемите армии на светот, онаа на САД.
Овој јаз во разбирањето на безбедноста на прекуокеанските територии го одразува наследството на европските држави со глобални територијални отпечатоци, односно империјални колонии, дури и кога нивните колективни одбранбени системи остануваат засновани на рамки дизајнирани за потесна Европа. Токму ова го доведува во прашање предизвикот за тоа кој всушност ќе реагира, а кој ќе постави спротивно на првата реакција во случај на „безбедносна криза“ на териториите на поранешните колонии во светот што се надвор од опсегот на членот 5 и членот 6 на НАТО? Р.С.


Заедничките експедициски сили (ЈЕФ) – воен формат за нова Европа или паралелно НАТО?

На повидок нова безбедносна архитектура на Европа

Во сенката на војната во Украина, тензиите на Блискиот Исток и неизвесноста околу улогата на САД во европската безбедност, сè поголемо внимание привлекува еден пакт или алијанса под името Заеднички експедициски сили – воен формат предводен од Обединетото Кралство, кој постепено се трансформира од флексибилна коалиција во потенцијален столб на регионална одбрана.
Најавата за создавање заеднички поморски сили меѓу десет европски држави го отвора прашањето дали ЈЕФ стануваат паралелен механизам на НАТО или негова неопходна надградба.

Што е ЈЕФ и кој ги сочинува?

Заедничките експедициски сили (ЈЕФ) се безбедносна иницијатива чие формирање е зачнато во 2014 година, во екот на кризата по руската анексија на Крим. Нејзини членки се Обединетото Кралство (како водечка сила), потоа Холандија, Данска, Норвешка, Шведска, Финска и Исланд (нордиски земји), како и Естонија, Летонија и Литванија (балтички држави).
Овој состав ја открива географската логика на Алијансата со фокус на Северен Атлантик, Балтичко Море и Арктикот, региони што сè повеќе се гледаат како потенцијални жаришта на идни конфликти со Русија.

Фото: „Нова Македонија“

Флексибилност наместо бирократија

За разлика од НАТО, кое функционира врз принципот на колективна одбрана (членот 5) и консензус на сите членки, Заедничките експедициски сили (ЈЕФ) се дизајнирани како „коалиција на подготвените“. А тоа значи: брзо донесување одлуки, можност за дејствување без согласност од сите членки, фокус на конкретни операции (кризни интервенции, одвраќање, поморска безбедност) итн.
Токму оваа флексибилност ги прави ЈЕФ привлечни во време кога НАТО често се соочува со политички блокади и различни приоритети меѓу членките.

Поморската компонента на ЈЕФ е новата фаза на интеграција

Најновата иницијатива за создавање заеднички поморски сили во рамките на Заедничките експедициски сили (ЈЕФ) претставува значаен чекор напред. Според изјавите на британските воени лидери, целта е: заедничка обука и оперативна подготвеност, интегрирани борбени планови, брза реакција во кризни ситуации и одвраќање на закани од „отвореното море“.
Оваа морска компонента ќе се командува од британскиот штаб во Нортвуд и ќе вклучува и нови технологии, како што се беспилотни морски системи.

Односот на ЈЕФ кон НАТО: Конкуренција или комплементарност?

Иако официјално ЈЕФ се претставуваат како „дополнување“ на НАТО, реалноста е посложена.
– Неколку фактори го поттикнуваат развојот на вакви паралелни структури. Прво тоа е несигурноста околу американската посветеност, особено по политиките на Доналд Трамп, второ би била потребата Европа да развие сопствени одбранбени капацитети, трето е брзината на реакција во регионални кризи – велат нашите соговорници, воени лица и поранешни носители на високи армиски воени чинови, сега пензионери, додавајќи дека ЈЕФ не го заменуваат НАТО, но создаваат алтернатива за ситуации кога Алијансата е бавна или политички парализирана.

Геополитичка порака кон Русија

– Од авион се гледа дека главниот безбедносен фокус останува Русија. Северниот и Балтичкиот Регион се сметаат за потенцијални фронтови, особено по зголеменото воено присуство на Москва во Арктикот и на Балтикот. Со заеднички поморски сили, ЈЕФ испраќаат сигнал за зголемена координација меѓу северните земји, подготвеност за брза воена реакција и, секако, стратегиска автономија и намалување на зависноста од САД – анализираат нашите соговорници.

Предизвици и слабости

Сепак, иницијативата наречена Заеднички експедициски сили (ЈЕФ) не е без проблеми. Соговорниците дијагностицираат дека Заедничките експедициски сили (ЈЕФ) имаат ограничени ресурси и буџети, потоа имаат зависност од британската воена инфраструктура, имаат предизвици и тешкотии во врска со реалната борбена готовност, како и технички и логистички слабости (како неодамнешните проблеми со британските бродови).
Овие фактори покажуваат дека амбицијата за „реална интеграција“ сè уште е во процес на изградба.

Европа бара нови форми и облици на воена безбедност

Заедничките експедициски сили (ЈЕФ) претставуваат симптом на поширока трансформација во европската безбедност.
– Сепак, не може да кажеме дека станува збор за напуштање на НАТО, туку за создавање повеќеслоен систем на одбрана, каде што регионалните сојузи играат сè поголема улога.
Во време на глобална нестабилност, Европа експериментира со нови модели на соработка, кои се побрзи, пофлексибилни и понекогаш поавтономни.
Прашањето не е дали ЈЕФ ќе го заменат НАТО, туку дали ваквите структури ќе станат клучни за идните конфликти, особено во свет во кој традиционалните алијанси се соочуваат со нови предизвици. Но во исто време Заедничките експедициски сили (ЈЕФ) инспирираат и други воени сојузи од регионален карактер, како што се низа примери на Балканот, помеѓу земји членки на НАТО и оние што не се, формирајќи пактови што помалку или повеќе го еродираат ткивото на НАТО и создавајќи регионални тензии наместо регионална соработка. Р.С.