Фото: ЕПА

ФУДБАЛ

  • Според досегашните податоци, на СП 2026 нема да играат на пример Екитике, Родриго, Симонс, Гнабри, Минамино, Агехова, а други заздравуваат од повреди

Во пресрет на Светското првенство (СП) што ќе се игра во САД, Мексико и во Канада некои фудбалери ќе се соочат со трка со времето по повредите, а други, сепак, нема да одат на планетарниот турнир поради повреди. Според досегашните податоци, на годинашното Светско првенство нема да играат повеќе фудбалери, како на пример Французинот Хуго Екитике (член на Ливерпул), Бразилецот Родриго (Реал Мадрид), Холанѓанецот Чави Симонс (Тотенхем), Германецот Серж Гнабри (Баерн), Јапонецот Такуми Минамино (Монако), Шпанецот Саму Агехова (Порто), а други фудбалери заздравуваат од повреди, пишува ЕСПН.
Напаѓачот на Ливерпул, Екитике, ќе биде надвор од терените до крајот на годинава откако ја скина Ахиловата тетива на натпревар со Пари сен Жермен во април. Тој беше стартер на неодамнешен пријателски натпревар на Франција во март, во победата на дуелот со Бразил. Скинат преден лигамент и менискус на десното колено има Родриго, кој се повреди откако влезе во игра во мечот со Хетафе во март. Тој настапи во сите пет натпревари на Бразил на Светското првенство во 2022 година. Симонс се повреди во победата на Тотенхем во Премиер-лигата на мечот со Вулверхемптон во април и има скинат преден вкрстен лигамент. Тој има 34 настапи за Холандија и играше на неодамнешните пријателски натпревари. Селекторот на Германија, Јулијан Нагелсман, ќе биде без услугите на крилниот напаѓач на Баерн, Гнабри, по повредата на десниот бут.

Тој има 59 настапи за Германија, дебитира на фудбалските мундијали пред четири години, играше во сите шест квалификациски натпревари, а постигна осум гола во германската прва лига сезонава. Јапонскиот репрезентативец Минамино претрпе повреда на предниот вкрстен лигамент на левото колено во декември. Играчот од средниот ред на Монако постигна четири гола за да ѝ помогне на Јапонија да се пласира на годинашното Светско првенство. Поранешниот играч на Ливерпул има 73 меѓународни натпревари и 26 гола, а играше трипати на Светското првенство во 2022 година. Шпанија нема да може да ги користи услугите на напаѓачот Агехова, кој претрпе повреда на предниот вкрстен лигамент во февруари. Фудбалерот на Порто има четири настапи за Шпанија, пишува ЕСПН.
Кој се соочува со трка со времето за да биде подготвен за настап? На оваа листа се на пример Естевао од Бразил (член на Челси), Ламин Јамал од Шпанија (Барселона), Кристијан Ромеро од Аргентина (Тотенхем), Мохамед Салах од Египет (Ливерпул), Едер Милитао од Бразил (Реал Мадрид), Лука Модриќ од Хрватска (Милано), пишува ЕСПН. Н.М.