Фото: „Нова Македонија“

И досега повеќепати на оваа тема нашите соговорници издвојуваат три можни сценарија за развој на настаните во врска со транзицијата на НАТО. Повторно потсетуваме на трите сценарија што имаат различен степен на веројатност, оценети од експертските мислења на нашите соговорници.

1. Контролирана транзиција

• Европа постепено ја презема одбраната
• НАТО останува стабилен
• САД остануваат „резервна сила“
Ова, според мислењето на експертите што нѐ брифираа, е најоптимистичко сценарио.
2. Хибриден модел

• делумно повлекување
• ротациски сили наместо постојани бази
• зголемена неизвесност
Ова, според мислењето на експертите, е најверојатно сценарио.

3. Безбедносен вакуум

• Европа не успева да се подготви
• Русија на секој начин ја „тестира“ Алијансата
• НАТО влегува во криза
Ова, според мислењето на експертите, е најризичното сценарио за Македонија. Р.С.


Имаме заменик-генерален секретар на НАТО, а немаме никаков бенефит?!

Како да избегнеме „пропуштање на историската шанса“?

Во време кога НАТО се преструктурира побрзо од кога било по Студената војна, прашањето не е дали малите држави можат да добијат повеќе, туку кој ќе се избори за тоа. Македонија, како релативно нова членка, има ретка привилегија. Таа има свој претставник во врвот на Алијансата. Но дали тој претставник прави нешто за да се искористи оваа предност?
– Функцијата заменик-генерален секретар, која ја извршува Радмила Шекеринска, не е симболична. Таа подразбира пристап до највисоките политички и безбедносни кругови, влијание врз агендите и, уште поважно, можност за неформално обликување на одлуките. И токму тука започнува дилемата. Зошто тој потенцијал не се претвора во појасна корист за државата од која доаѓа – се прашуваат нашите соговорници.

Формално неутрална, но не и без влијание

– Точно е дека позицијата бара неутралност. Шекеринска не смее да биде „лобист“ за официјално Скопје. Но тоа не значи дека треба да биде невидлива. Во пракса, високите функционери на НАТО редовно користат суптилни механизми за да ги насочат приоритетите. Поставување теми поврзани со Западен Балкан, туркање прашања за регионална безбедност, поддршка за специфични одбранбени проекти во кои активно би била вклучена Македонија… сите тие се легитимни алатки. Отсуството на видлив ангажман навистина отвора сомнеж дали се користат тие механизми доволно агресивно – велат соговорниците, сомневајќи се во недоволната ангажираност на заменичката на генералниот секретар на НАТО.
Тие додаваат дека носењето одлуки и договарањето на клучните ставови на Алијансата не е исклучиво поврзано со официјалните состаноци, објаснувајќи го процесот.
– Во НАТО, одлуките ретко се носат само на официјални состаноци. Клучните позиции се градат во неформални разговори, во кулоарите, на вечери, во директни разговори со влијателни актери, особено со претставниците на Соединетите Американски Држави, кои и понатаму ја диктираат динамиката на Алијансата. Е, токму тука заменик-генералниот секретар има простор да „турка“ наративи, да создава коалиции и да обезбеди поддршка за одредени земји или региони. Но од перспектива на македонската јавност, Шекеринска дејствува премногу тивко. Нема јасни сигнали дека Македонија ја позиционира како приоритетен партнер, ниту дека го користи моментот кога Европа се обидува да гради сопствени одбранбени капацитети – велат нашите соговорници.
Тие нагласуваат дека Македонија има шанса што треба да се искористи во сегашните околности.
– Ова е момент што нема да се повтори. И Алијансата е во транзиција. Европа зборува за поголема автономија, буџетите за одбрана растат, се редефинираат безбедносните приоритети… Во вакви услови, малите држави можат да „скокнат“ повисоко од својата тежина. Но ако имаат агресивна стратегија и ако некој таа стратегија ја каже и ја повторува на високо ниво. Македонија има кредибилитет. Таа е членка што ги исполнува обврските и учествува во мисии. Но кредибилитет без офанзива на највисоко ниво не носи дополнителна ефикасност – велат соговорниците, додавајќи со спортски жаргон дека „нашиот шпиц-играч во НАТО не дава голови“!

Проблемот можеби не е во можностите, туку во пристапот

Критиката не е дека Шекеринска „не смее“ да помогне, туку дека не се гледа доволно амбиција да го максимизира просторот што го има. Во дипломатијата, особено на ова ниво, перцепцијата е реалност. Ако не се создава впечаток дека некој активно турка агенди, тогаш тој простор го пополнуваат други.
А во НАТО, празниот простор никогаш не останува празен. Радмила Шекеринска има позиција што ретко му се укажува на претставник од мала држава. Таа позиција не дозволува отворен национален активизам, но бара политичка умешност, видливост и иницијатива. Прашањето што останува да виси е едноставно: Дали гледаме внимателна, тивка дипломатија со долгорочен ефект или пропуштена шанса во клучен геополитички момент?
Затоа што во оваа фаза на трансформација на НАТО, неактивноста не е неутралност. Таа е избор. Р.С.