Фото: Маја Јаневска Илиева

Одбележување 123 години од смртта на македонскиот револуционер и борец за слобода Гоце Делчев

  • Гоце Делчев, кој пред повеќе од еден век го разбра светот како поле за културен натпревар на народите, беше убиен од османлиската војска на 4 мај 1903 година во селото Баница, на пат кон Сер

Голем број делегации и граѓани вчера положија цвеќе и се поклонија пред гробот на Делчев на одржаната панихида во црквата „Свети Спас“ во Скопје, по повод одбележувањето на 123-годишнината од загинувањето на истакнатиот македонски револуционер и борец за слобода.
– Заедно со потпретседателот на Владата, Димовски, и министерот за надворешни работи Муцунски, од името на Владата оддадовме вечен помен на жртвата на великанот, македонскиот јунак Гоце Делчев, и на тој начин само сакаме да покажеме дека како влада ќе сториме сѐ за неговите идеали, неговата борба за самостојна Македонија, за македонскиот народ да останат вечни. Да се сеќаваме на неговиот лик и дело и на тој начин тој лик и дело да им бидат пренесени и на генерациите коишто доаѓаат по нас, бидејќи вредностите во кои верувал нашиот великан Гоце Делчев, за жал, денеска некои земји членки на ЕУ сѐ уште не ги почитуваат. Не само што не ги почитуваат туку и не ги спроведуваат. Тој бил пред времето и како таков оставил неизбришлива трага во македонската историја и македонскиот идентитет. Нека му е вечен поменот и секоја година на овој ден да продолжат и идните влади да одбележуваат вечен помен на ликот и делото на Гоце Делчев – кажа премиерот Христијан Мицкоски по панихидата одржана по повод 123-годишнината од загинувањето на Гоце Делчев.
Низ земјава беа предвидени повеќе настани во чест на Гоце Делчев во текот на вчерашниот ден. Во Владата беше закажано одржување на трибината насловена „Темел на државноста – визија за иднината“, како и доделување на државната награда „Гоце Делчев“ во Собранието за особено значајни остварувања во интерес на Р Македонија во областа на науката за годинава на проф. д-р Михајло Марковиќ и на проф. д-р Соња Новотни, за делото „Континуитетот на македонскиот јазик I“ (Приказ на лексиката меѓу Слепченскиот патерник, Огледало и Различна поучителна наставленија).

Фото: Маја Јаневска Илиева

Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД) и Општина Штип, исто така, беше предвидено да организираат традиционален настан во дворот на Ректоратот на УГД (Ново Село), во чест на учителската дејност, визија и мисија на учителот Гоце Делчев.
Делчев, кој пред повеќе од еден век го разбра светот како поле за културен натпревар на народите, беше убиен од османлиската војска на 4 мај 1903 година во селото Баница, на пат кон Сер.
Роден на 4 февруари 1872 година во Кукуш, во семејството на Султана и Никола, Делчев се школувал во гимназијата во Солун и на Воената академија во Софија. Учителствувал во Штип, а како член на Централниот комитет на ТМОРО работел на создавање мрежа на бази, комитети и комитски чети на Организацијата. Учествувал на Солунскиот конгрес на ВМРО (1896), а до 1901 година бил задграничен претставник на ВМРО во Софија. По убиството на 4 мај 1903, неговите посмртни останки се чувале во Баница до 1917 година кога биле пренесени во Ксанти, а потоа во Софија. До 1923 година ковчежето со коските се чувало во домот на Михаил Чаков. Останките на Делчев на 11 октомври 1946 година биле пренесени во црквата „Свети Спас“ во Скопје. Н.М.

Фото: Маја Јаневска Илиева