Цената на нафтата повторно бележи раст откако беше објавено дека е нападнато пристаништето Фуџаира – најголемото складиште за нафта во Обединетите Арапски Емирати.
На лондонската берза, нафтата од типот „Брент“ по 18 часот достигна 115 долари за барел, што е зголемување од повеќе од пет проценти во текот на денот. Претходно, цената изнесуваше 110,61 долари, што веќе претставуваше раст во однос на претходниот трговски ден. Истовремено, на американските пазари барел нафта се тргуваше за 103,32 долари, пренесе МИА.
Фуџаира има стратешко значење за извозот на нафта, бидејќи преку нафтовод од нафтените полиња во Абу Даби овозможува транспорт до танкери, дури и во услови на нарушен сообраќај низ Ормуската Теснина.
Властите на Обединетите Арапски Емирати соопштија дека во индустриската зона избувнал пожар по напад со дрон, за кој се тврди дека е произведен во Иран. Во инцидентот се повредени тројца државјани на Индија.
Во текот на денот биле издадени и две предупредувања за можни ракетни напади, додека Министерството за одбрана соопшти дека пресретнало три ракети. Ова е прва ваква ескалација по периодот на релативен мир по договорот за прекин на огнот со Иран.

































