Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска се сретна со вршителката на должност амбасадор на САД, Никол Варнс, при што беше истакнато дека стратешкото партнерство во енергетиката влегува во фаза на конкретна реализација, пренесе МИА.
Како што соопшти Божиновска на Фејсбук, по потпишувањето на Меморандумот за соработка во рамки на Стратешкиот дијалог со САД, следуваат конкретни чекори, проекти и инвестиции насочени кон зајакнување на енергетската безбедност на државата.
-Разговаравме за можностите за соработка во развојот на гасната инфраструктура, обновливите извори на енергија и реализацијата на стратешки енергетски проекти, кои ќе придонесат за поголема диверзификација, регионална поврзаност и економски развој. Градиме енергетска иднина со силни меѓународни партнери, современи технологии и јасна визија – напиша Божиновска.

































