Соединети Американски Држави соопштија дека се подготвени да придружуваат трговски бродови низ Ормуската Теснина, со цел да се надмине блокадата што предизвикува сериозни нарушувања во глобалната економија.
Здружениот поморски информативен центар, предводен од САД, препорача бродовите да се движат низ водите на Оман, каде што е воспоставена „засилена безбедносна зона“. Американската војска најави дека операцијата може да вклучува разурнувачи со наведувани ракети, повеќе од 100 летала и околу 15.000 војници, но без конкретни детали за видот на придружбата, пренесе „Си-ен-ен“.
Останува неизвесно дали транспортните и осигурителните компании ќе го прифатат ризикот, имајќи предвид дека Иран претходно отвораше оган врз бродови и најави дека ќе продолжи со такви активности. Контролата врз Ормуската Теснина му овозможува на Иран значајно влијание врз глобалното снабдување со нафта и гас.
Обидите за нормализирање на сообраќајот доаѓаат во чувствителен момент, додека трае кревок прекин на огнот во конфликтот меѓу САД, Израел и Иран. Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека бродовите ќе бидат придружувани и предупреди дека евентуалните ирански обиди за блокада „ќе мора да бидат решени со сила“.
Трамп ја нарече иницијативата „Проект Слобода“, претставувајќи ја како хуманитарен напор за помош на заглавените морепловци и товарни бродови во Персиски Залив.
Од друга страна, иранската новинска агенција ИРНА ја оцени иницијативата како „делириум“, додека иранската воена команда предупреди дека секоја странска воена сила во Теснината може да стане цел.
Во меѓувреме, не е јасно дали сообраќајот низ Ормуската Теснина е обновен. Американските власти предупредуваат на зголемени ризици, вклучително и можни морски мини, и ги повикуваат бродовите на координација со оманските власти.
Нарушувањето на овој клучен пловен пат, кој е од витално значење за снабдувањето со енергенти во Европа и Азија, веќе доведе до пораст на цените на горивата, храната и други производи на глобално ниво.

































