Колоризација: Дејан Јовески - „Нова Македонија“
  •  Гоцевите свети коски најпосле беа закопани во престолнината на независна Македонија – симбол на исполнета заклетва, на историска правда и на вечна врска меѓу апостолот и неговиот народ.

Историјата сведочи дека патот на Гоцевите останки започнува веднаш по трагичната битка кај Баница, каде што Делчев го положи својот живот за слободата. Со дозвола на османлиските власти, телата на Гоце и неговиот соборец Димитар Гуштанов беа погребани заедно – првото смирено почивалиште на еден апостол на македонската идеја.

Но, судбината на неговите коски не беше тишина, туку патешествие. Во 1906 година Михаил Чеков и Таската Спасов-Серски, блиски соработници на Јане Сандански, тајно ги откопаа и ги прибраа во црквата „Св. Никола“ во Сер. Клисарот Никола Мутафчиев изработи сандаче и го скри под престолот, заколнат да ја чува тајната. Таа тишина траеше сè до Првата светска војна, кога Чеков повторно ги презеде и ги носеше низ Скеча, Пловдив и Софија, чувајќи ги како свет реликт.

Во август 1923 година коските беа изложени во софиската „Св. Недела“, а потоа сместени во Илинденскиот дом на македонската организација. Таму беа положени во саркофаг со врежана заклетва: дека ќе бидат пренесени во престолнината на идната независна Македонија.

Заклетвата се исполни во 1946 година. Македонските власти побараа од Националниот комитет на македонските братства во Бугарија да дозволи пренесување на останките во Скопје. На 4 октомври беше организирано големо поклонение, а новиот резбан саркофаг, дело на уметникот Нестор Алексиев, го понесе ликот на Гоце, знамето на ВМРО и грбовите на Македонија и Југославија. Делегација предводена од генерал Кирил Михајловски-Груица го придружуваше патот низ Пиринска Македонија, каде народот со солзи и празнична облека легнуваше наземи пред лафетот.

„Македонско знаме“ тогаш запиша: „Една трогателна манифестација на еден народ, кој бил секогаш единствен во своите идеали и остана докрај верен на Гоце Делчев… Гоце – мртов се соедини со својот слободен народ во својата слободна држава.“

Кулминацијата настапи на 10 октомври 1946 година, кога останките пристигнаа во Скопје и беа положени во црквата „Св. Спас“. Подоцна беше изработен монументален мермерен саркофаг, каде што почиваат до денес.

Д.Ст.