ШАХ – МАЈСКА РЕЈТИНГ-ЛИСТА НА ФИДЕ

  • На македонските ранг-листи без поголеми промени, и понатаму водат ВМ Романов и ЖФМ Стојковска

Рејтинг-листата на Светската шаховска федерација (ФИДЕ) за мај годинава првенствено беше обликувана од турнирите на кандидатите за предизвикувачи на актуелните светски прваци (мажи и жени), заедно со неколку силни турнири низ Европа, вклучувајќи го и индивидуалното Европско првенство (ЕП).
Меѓу првите 10 кај мажите имаше две значајни промени. Триумфот на Турнирот на кандидатите му донесе на Јавокир Синдаров (Узбекистан) 31 рејтинг-поен (р.п.) и скок од 11-то на петтото место во светот. Второпласираниот на тој турнир, Аниш Гири (Холандија) освои 14 поени и се искачи за три места и сега е шести. Второто место на Турнирот на кандидатките ѝ донесе на Бибисара Асаубаева (Казахстан) 11 р.п., и сега е на седмата позиција, што е нејзин најдобар пласман, а Александра Горјачкина (Русија) се врати меѓу првите пет, додека победничката на Турнирот на кандидатките, Ваишали Рамешбабу (Индија) освои 26 р.п., што ја доведе до границата од 2.500 поени. Шаховското чудо ВМ Јагиз Каан Ердогмус (14) од Турција е најмладиот играч што ја поминал границата од 2.700 поени (14 години, 10 месеци и 13 дена), надминувајќи го претходниот рекорд на Кинезот Веи Ји за речиси една година.
На машката листа и понатаму води Магнус Карлсен (2.840) од Норвешка, втор е Хикару Накамура (2.792, минус 18 р.п.) од САД, а трет е Фабијано Каруана (2.788, минус пет) од САД. Кај шахистките на врвот останува ВМ Јифан Хоу (2.596), пред Леи Тингџие (2.566) и Ју Венјун (2.559) сите од Кина.
На македонската листа на првото место и понатаму е ВМ Евгени Романов (2.549, минус 27 р.п. во однос на април), втор е ВМ Трако Недев (2.469), а трет ИМ Филип Панчевски (2.437). Најмногу рејтинг-поени (89) по настапот на ЕП освои ФМ Антон Златков (2.388), со што скокна од 15-то на осмото место. Кај дамите без промени меѓу првите 10, води ЖФМ Моника Стојковска (2.075). Македонија на листата за мажи падна за едно место и сега е 58. (2.420, минус два р.п.), а Македонија на листата за жени напредуваше за едно место и сега е 71. (1.920, минус еден р.п.) меѓу 204 држави. Кај мажите први се САД (2.724), пред Индија (2.706) и Кина (2.666), а кај жените Кина (2.490), пред Индија (2.405) и Украина (2.381). Г.И.