ФИДЕ
- Во мечот ќе се сретнат досега најмлади шахисти во трка за титулата светски првак. Гукеш и Синдаров ќе имаат по 20 години кога ќе играат меѓу себе
Мечот за светски првак во шах е врвот на циклусот на Светско првенство (СП), а изданието годинава ќе одлучи кој ќе владее со шаховскиот свет во следните две години, актуелниот светски првак, велемајсторот (ВМ) од Индија, Домараџу Гукеш, или предизвикувачот, ВМ од Узбекистан, Јавохир Синдаров, меч на досега најмлади шахисти во дуел за титулата светски првак. И Гукеш и Синдаров ќе имаат по 20 години кога ќе играат меѓу себе, пишува Светската шаховска федерација (ФИДЕ) на својата официјална интернет-страница. Дуелот привремено е закажан помеѓу 23 ноември и 17 декември годинава.
ФИДЕ отвори постапка за наддавање за тоа кој ќе биде домаќин на овој шаховски спектакл. А основните одредби по тоа прашање се вкупно времетраење на настанот да биде до 25 дена, минимален награден фонд 2,5 милиони долари, организаторот ќе ги почитува правата на спонзорите и партнерите на ФИДЕ, вклучувајќи го и видеоемитувањето, ФИДЕ го задржува правото да го продолжи овој рок доколку се смета за потребно и го задржува правото да почне дополнителни преговори со кој било од апликантите за да ја подобри или измени понудата, информира ФИДЕ.
Осумнаесеттиот по ред светски првак Гукеш првпат ја освои шампионската круна во 2024 година, кога во Сингапур во неизвесен и драматичен меч го победи дотогашниот владетел, Кинезот Динг Лирен, со 7,5-6,5 и стана најмладиот светски првак во историјата на шаховската игра, на 18 години, со што го надмина рекордот на Русинот Гари Каспаров, кој го стори тоа во 1985 година, кога имаше 22 години. Лирен, пак, светски првак стана во 2023 година во Астана (Казахстан), кога во мечот за светски првак го победи Русинот Јан Непомнијашчи, во тајбрејк со 2,5-1,5, откако во регуларниот тек мечот беше нерешен, 7-7. Г.И.































