Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска во Ереван оствари средба со претседателот на Ерменија, Вахан Хачатурјан, при што двајцата изразија подготвеност за унапредување на билатералните односи и продлабочување на соработката, пренесе МИА.
-Препознаваме почеток на ново поглавје во меѓусебните односи и можности за конкретна соработка во информатичките технологии, дигиталните услуги, земјоделството, прехранбената и фармацевтската индустрија, туризмот и иновативните сектори – напиша Силјановска-Давкова во објава на Фејсбук.
Хачатурјан ѝ се заблагодари за посетата и учеството на Самит на Европската политичка заедница, истакнувајќи дека за Ерменија е чест да биде домаќин и покрај тоа што не е членка на Европска Унија.
Двајцата претседатели оценија дека постојат значајни можности за соработка, но дека економската размена засега е на ниско ниво. Како приоритети ги посочија олеснувањето на визниот режим и воспоставувањето директни авионски линии.
Беше истакната и потребата од склучување билатерални договори и зајакнување на контактите меѓу бизнис-заедниците преку организирање бизнис-форуми.
Силјановска-Давкова нагласи дека културната дипломатија, образовната и академската соработка, како и студентската размена преку програмата Еразмус плус, се клучни за зближување на двата народа. Таа ја истакна и улогата на ерменската заедница во земјава.
Македонската претседателка изрази поддршка за продлабочување на соработката на Ерменија со Европската Унија и за нејзините реформски напори, особено во областа на владеењето на правото, додека Хачатурјан ѝ посака успех на земјата на патот кон ЕУ.
Во рамки на посетата, двајцата претседатели разменија покани за идни официјални посети.
Сиљановска-Давкова престојува во Ерменија по повод учеството на самитот, кој се одржува под мотото „Градејќи иднина: единство и стабилност во Европа“, а ќе учествува и на тркалезна маса посветена на економската безбедност и зелената транзиција, со учество на бројни европски лидери, меѓу кои и премиерите Андреј Пленковиќ и Јонас Гар Шторе.


































