Фото: Министерството за јавна администрација

Министерот за јавна администрација Горан Минчев се обрати на тркалезната маса посветена на доброто управување и владеењето на правото, организирана од Министерство за јавна администрација во соработка со СИГМА/ОЕЦД.

На настанот, кој беше фокусиран на спречување на непотребни управни спорови и подобрување на извршувањето на судските пресуди, Минчев истакна дека управната постапка е клучен елемент во функционирањето на правната држава.

 – Управните постапки се местото каде што граѓаните ги остваруваат своите права и каде што се гради довербата во институциите. Затоа остануваме посветени на нивна доследна и целосна примена – нагласи министерот.

Тркалезната маса имаше за цел да ги презентира наодите од најновата анализа на СИГМА/ОЕЦД, како и да овозможи размена на искуства со земјите од Европска Унија и регионот.

Воедно, беше отворена дискусија за намалување на бројот на управни спорови и за подобрување на извршувањето на правосилните судски одлуки.

Минчев информираше дека Министерството продолжува со активности за поефикасна примена на Законот за општата управна постапка, преку засилен надзор, подобра координација и воведување практични алатки, со акцент на дигитализација и едукација.