Фото: Илустрација/Пиксабеј

Автор: Прим. д-р Кујтиме Рушити Мехмети, дерматовенеролог, ЈЗУ Универзитетска клиника за дерматологија – Скопје

Април е месец посветен на подигање на свеста за розацеа — честа, хронична воспалителна состојба на кожата, која и натаму често останува недоволно препознаена. Токму во пролетниот период, кога кожата е изложена на сонце, ветер, полен и нагли температурни промени, многу лица забележуваат поизразено црвенило, чувство на жарење и засилена чувствителност на лицето.

Розацеата најчесто го зафаќа централниот дел на лицето — образите, носот, челото и брадата. Кај дел од пациентите започнува со повремено црвенило, но со текот на времето тоа може да стане потрајно и поизразено. Освен црвенилото, често се јавуваат и печење, затегнатост, сувост, пречувствителност на кожата, видливи ситни крвни садови, а кај некои лица и воспалителни папули и пустули. Иако честопати се доживува како естетски проблем, розацеата е состојба што бара правилно препознавање, внимателен пристап и континуирана нега.

Причините за нејзиното настанување не се целосно разјаснети, но денес се смета дека станува збор за мултифакторна состојба во која улога имаат генетската предиспозиција, изразената васкуларна реактивност, нарушената бариерна функција на кожата и воспалителните механизми. Тоа значи дека кожата кај овие лица реагира побрзо и поинтензивно на различни надворешни и внатрешни дразби, па дури и секојдневни фактори можат да доведат до влошување на симптомите.

Меѓу најчестите тригери за влошување на состојбата се сончевото зрачење, ветерот, студот и топлината, наглите температурни промени, топлите напитоци, алкохолот, зачинетата храна, стресот, физичкиот напор и несоодветната козметика. Во април, кога временските услови брзо се менуваат во текот на денот, чувствителната кожа е под дополнителен стрес, а токму таквите промени можат лесно да придонесат за поизразена реактивност и влошување на состојбата.

Клинички, розацеата може да се манифестира во неколку фенотипски форми, а кај еден пациент често се преклопуваат карактеристики од повеќе типови. Еритемо-телеангиектатичната форма се карактеризира со перзистентно црвенило и видливи проширени капилари. Папуло-пустулозната форма се манифестира со воспалителни папули и пустули врз еритематозна подлога и понекогаш може да наликува на acne vulgaris, но без присуство на комедони. Фиматозната форма е поретка и се карактеризира со задебелување и ремоделирање на кожата, најчесто во пределот на носот. Окуларната розацеа може да биде придружена со сувост, печење, иритација, солзење и чувство на туѓо тело во очите. Токму затоа, правилното препознавање на клиничката слика е од особено значење за избор на соодветна нега и третман.

Една од најважните карактеристики на кожата склона кон розацеа е нарушената епидермална бариера. Таквата кожа полесно ја губи влагата, станува посува, почувствителна и понекогаш нетолерантна дури и на производи што вообичаено добро се поднесуваат. Затоа, секојдневната нега треба да биде насочена кон смирување, хидратација и зајакнување на природната заштитна функција на кожата.
Основата на добрата рутина е нежно чистење со благи формулации, без агресивни сапуни, алкохол, силни парфеми и груби ексфолијанси. Потоа следува нега што ќе помогне да се намали чувството на печење и затегнатост, ќе ја подобри хидратацијата и ќе придонесе за поголема удобност во текот на денот. Кај кожа склона кон розацеа, правилно избраниот производ треба да делува смирувачки, да не ја оптоварува кожата и да помогне таа да изгледа посмирено и побалансирано.
Соодветната дермокозметичка нега има значење што оди многу подалеку од површинска грижа. Таа може да придонесе за намалување на непријатноста, подобрување на толеранцијата на кожата и одржување на посмирен изглед на лицето. Особено во пролетниот период, кога кожата е изложена на повеќе провоцирачки фактори, правилно избраната и доследна рутина може значително да го подобри секојдневниот комфорт.

Не треба да се заборави ниту фотозаштитата. Иако многумина ја поврзуваат со летото, кај лица со розацеа таа треба да биде дел од секојдневната рутина во текот на целата година. Ултравиолетовото зрачење е еден од најчестите фактори што го влошуваат црвенилото и чувствителноста, па затоа секојдневната употреба на фотопротективен препарат со широк спектар е исклучително важна. Дополнително, се препорачува избегнување на подолга директна изложеност на сонце, како и заштита од ветер и други надворешни иританси.
Во пракса, големо значење има и препознавањето на индивидуалните тригери. Кај некого тоа е сонцето, кај друг топлите напитоци, стресот или одредени козметички производи. Едноставната, доследна и внимателно избрана рутина често дава многу подобри резултати од честото менување препарати и користење премногу агресивни активни состојки. Кај розацеата, нежниот пристап не значи помалку ефикасен пристап – напротив, многу често токму тој е најсоодветниот.

Секако, кај поизразени форми на розацеа е потребен дерматолошки преглед и индивидуализиран план. Во зависност од клиничката слика, може да биде препорачана локална терапија, системски третман или дополнителни процедури. Особено е важно навреме да се препознае окуларната форма, како и воспалителните промени што понекогаш погрешно се третираат како акни.
Розацеата не е состојба што треба да се игнорира, но со правилен пристап и соодветна нега може успешно да се контролира. Кога кожата е правилно негувана, кога тригерите се препознаени и кога рутината е прилагодена на нејзините потреби, можно е значително да се подобрат и изгледот и чувството на кожата.

Во април, месецот посветен на подигање на свеста за розацеа, важно е да се потсетиме дека чувствителната кожа склона кон црвенило бара внимателно избрана нега, континуирана заштита и правилна проценка. А за сè што се однесува на симптомите, изборот на терапија, секојдневната нега и контролата на состојбата, најдобро е пациентите навремено да се консултираат со дерматолог.