Фото: Пиксабеј

Американскиот Стејт департмент ова лето ќе пушти во употреба ограничена серија специјални пасоши со ликот на претседателот Доналд Трамп, по повод одбележувањето на 250-годишнината од независноста на САД, објавија повеќе американски медиуми.

Според објавените информации, на внатрешната страна од корицата ќе биде поставен портрет на Трамп, инспириран од неговата официјална фотографија од вториот мандат, заедно со текстови поврзани со американската независност. На задната страна ќе се наоѓа историското американско знаме со 13 ѕвезди и бројот 250 во центарот, пренесе „Си-би-ес њус“.

Од Стејт департментот соопштиле дека специјалните пасоши ќе бидат достапни за американските граѓани додека траат залихите, а ќе се издаваат преку канцеларијата за пасоши во Вашингтон.

Издавањето на новата серија треба да се совпадне со пошироката програма за прослава на американскиот јубилеј, која вклучува низа јавни настани во главниот град на САД.

Најавата веќе предизвика поделени реакции на социјалните мрежи, каде дел од корисниците ја поздравија иницијативата, додека други ја оценија како политичка промоција преку државни симболи.