Фестивал на малата школа за краток филм во Битола

Меѓународниот филмски фестивал од Нанси, во соработка со НУ Центарот за култура во Битола, по петти пат го организираа Фестивалот на малата школа за краток филм. Фестивалот, кој исто како оригиналниот во Нанси, каде што се одржа 21-то издание, во Битола го имаше своето петто издание. Ако првите три фестивали во Битола беа приспособени со специфична програма за македонската публика, последните две изданија се со иста програма, што дозволува да се споредуваат реакциите меѓу публиката од двете земји. Овој фестивал е наменет исклучиво за школската публика од основните училишта од 5 до 14 години, распоредени во четири селекции, според возраста на децата.
Во Битола, за средношколците беше прикажана и специјална селекција од наградените и избрани краткометражни филмови од средношколското жири на Меѓународниот филмски фестивал од Нанси, со навистина храбри и актуелни содржини. Првонаградениот игран филм „На мареи“ на Леа Жад Хорлие раскажува за невозможноста на девојките во Авганистан да имаат образование и воопшто за позицијата на жената во таа земја. Слична беше темата и на документарниот филм „Потег“ на Елахе Есмаили, за наметнувањето на задолжителната облека и шамија на жените и девојките во Иран, се разбира пред сегашната војна и отпорот на помладите и похрабрите и стравувањето на најблиските дека ако не се почитуваат упатствата на ајатоласите, тоа ќе им донесе срам. Но никаде во Куранот не пишува дека жените треба да носат шамија, превез или да бидат забулени… „Татковите писма“ е анимиран документарен филм на Алексеј Евстигнеев, за писмата испратени од гулагот во Сибир до неговата ќерка во Москва во 1936, а играниот филм „Нуркање“ или „Скок во вода“ на Алд Јулиано зборува за неизвесноста во која се наоѓаат младите на почетокот на нивниот живот.
– Нашата работа придонесува за уметничко и културно образование, а нашиот пристап им помага на учениците да стекнат хуманистичка култура и да ги развијат своите вештини за критичко размислување, овозможувајќи им да изградат лично и заедничко културно разбирање преку средби со филмови – вели Бландине Брунхес Гламчевски, директорка на фестивалот од Нанси и генерална делегатка на воспитниот столб на здружението „АЈ АЈ ВО“.
Таа во Битола, а исто така и на проекцијата во Новаци, ги анимираше сите проекции, додека за триесетина наставници и професори од основните училишта од Битола одржа обука на темата „Воспитување преку слика“ – филмот како специфична алатка, по што на наставниците им беа доделени сертификати за обуката. Имено, МФФ од Нанси е еден од пионерите за воспитувањето преку филмот, за шо има силна поддршка од францускиот центар за филм ЦНЦ и Министерството за култура на Франција.

– Ова им овозможува да развијат вештини како што се анализа и разбирање на филм, расудување, јавно говорење и соработка и споделување идеи. Учениците се охрабруваат да зборуваат по проекцијата за да ги изразат своите чувства, да поставуваат прашања и да ги споделат своите перспективи за она што го разбрале, што го перципирале, пораките што ги пренесуваат филмовите и техниките што се користат (скала на снимање, снимање филмови итн.). Ние овозможуваме живи дискусии за да ги охрабриме учениците да се повлечат од сликите и да ги развијат своите вештини за критичко размислување. Тие споделуваат со своите врсници, а исто така се слушаат едни со други. Исто така, се осврнуваме на прашањето за филмските жанрови: анимација, фикција и документарец за шесто одделение; за ученици од основно училиште: анимација, фикција, документарец и експериментален филм. Програмата има цел да биде разновидна и по форма и по содржина – вели Бландине Брунхес-Гламчевски.
Престојот во Битола беше искористен да се потпише меморандум – конвенција за соработка меѓу НУ Центарот за култура во Битола и Меѓународниот филмски фестивал од Нанси, во областа на кинематографијата и воспитувањето преку слика.
Во Битола беа прикажани 23 кратки филма од сите жанрови за школската публика. „Куќа за споделување“, прикажан за децата од 9 до 13 години, се занимава со граѓански проблем: добредојде и поддршка на бегалците, разбирање на тешкотиите со кои се соочуваат, солидарност и градење позитивни човечки односи. „Малото девојче кое сакаше да биде бело“ зборува за самоприфаќањето и прифаќањето на сопствените разлики и потекло, и покрај тоа како другите ги гледаат, и за самопотврдувањето.

„Нониќ“, преку анимација, го истражува односот помеѓу внук и дедо, приказна инспириран од песна од Драго Герваис (18 април 1904 година – 3 јули 1957 година), хрватски поет и драматург. Филмот нема дијалог, но сè е пренесено преку графиката, звучните ефекти, музиката и сценографијата. „Наежување“ е филм за самопотврдувањето и избегнувањето на токсичните врски на почетокот на адолесценцијата, што се истражува преку обред на премин воспоставен од групата; на оваа тема ѝ се пристапува со суптилност и неоспорни кинематографски квалитети. „Светулките“ е филм што се однесува на 1920-тите, прикажувајќи жени што работеле во фабрики во кои радиумот се користел за боење часовници, процес што се покажал како смртоносен. Филмските режисери пристапуваат кон оваа професионална средина со одредена непристрасност, оддавајќи им почит на овие жени и прикажувајќи ги нивните работни услови, а воедно истакнувајќи ги солидарноста и љубезноста меѓу работничките.
Три од овие кратки филмови се на француски јазик, еден е без дијалог, а последниот е на англиски јазик со француски титл.

Тони Гламчевски