• Македонија од 6 до 21 јуни ќе игра со Унгарија, Португалија, Шпанија, Азербејџан, Хрватска и со Словенија. Од годинава мечевите во Европската лига се и квалификациски за настап на ЕП 2028

Новиот селектор на женската репрезентација на Македонија, Милош Гавриловиќ, го објави поширокиот состав со одбојкарки за почетокот на подготовките на 13 мај, за учеството во годинашната Европска лига. На списокот има 25 одбојкарки, од кои девет дебитантки, и тоа сестрите Сара и Даниела Горбок, Кариа Трифуновска, Јована Каленикова, Матеа Сотировска, Стефанија Кипријановска, Андреа Митиќ, Софија Тенчева и Сара Димитриоска.

Од поискусните репрезентативки отсуствуваат Тамара Стојанова, Антонија Баталаковска и Ана Павлоска, кои од приватни причини или поради работни обврски не можат да му бидат на располагање на селекторот Гавриловиќ за оваа акција, но на нив ќе се смета и на следните собири, пишува Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ). Комплетните подготовки репрезентацијата ќе ги одработи во СЦ „Форца“ во Скопје, а во пресрет на првиот турнир на 29 и 30 мај ќе одигра пријателски двомеч со селекцијата на Косово. Македонија настапот во Европската лига го почнува во Порто, каде што се игра првиот турнир, на 6 јуни за противник ја има Унгарија, а еден ден подоцна Португалија. Од таму продолжуваат во Аликанте, Шпанија, каде што домаќинот ги пречекува на 12 јуни, а на 13 јуни се соочуваат со Азербејџан. Македонија третиот турнир ќе го игра дома, во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, каде што на 19 јуни ќе игра со Хрватска, а на 21 јуни со Словенија, информира ОФМ. Од годинава мечевите во Европската лига се и квалификациски за настап на Европското првенство (ЕП) во 2028 година.

Поширок состав: Ерјона Јонузи, Јана Балов, Софија Пандева, Мери Бошковска, Андротеа Милевска, Ана Фасулева, Мила Дикова, Сара Горбок, Добрина Хаџитосева, Теа Терзиевска, Љиља Ковачевиќ, Кариа Трифуновска, Даниела Горбок, Јована Каленикова, Ива Стојкоска, Симона Стојановска, Марија Василевска, Матеа Сотировска, Стефанија Кипријановска, Андреа Митиќ, Емилија Попјордановска, Надица Антеска, Софија Тенчева, Фросина Трајковска, Сара Димитриоска. Г.И.