Ученици го посетија Домот на културата „Иван Мазов Климе“ во Кавадарци
Учениците од основното училиште „Страшо Пинџур“ од Кавадарци изминатата седмица, по иницијатива и менторство на наставничката по ликовно образование Ива Јосифова Даневски и наставникот по историја Сашко Василевски, групно ја посетија изложбата „Македонските бајки во светогледот на Димитар Кондовски“, која деновиве беше отворена во Домот на културата „Иван Мазов Климе“. Прекрасните 82 илустрации на учениците им овозможија магично патување во светот на македонските бајки и нашата усна традиција, која Кондовски маестрално ја раскажува со својот визуелен јазик. Тој го претвора фолклорот во универзум, разбирлив за детето, но и длабоко значаен за возрасните. Преку набљудувањето на овие илустрации секој посетител станува свесен за сознанието колку овие слики од детските бајки длабоко меморирани во нашата свест ги поврзуваат генерациите, традицијата и современоста.
Оваа збирка зачувана како драгоцен дел од нашето културно наследство сведочи за еден уметнички свет исполнет со симболика, емоција и магија – свет во кој храброста, љубовта и доблеста се основни вредности. Изложбата е повик да се вратиме кон вистинските извори на имагинација и слободно да мечтаеме преку моќта на уметноста и раскажаната приказна.
Оваа прекрасна збирка на илустрации во сопственост на Филип Кондовски, синот на Димитар Кондовски, учениците можеа да ја посетат во соработка на Домот на културата и Марина Убавкова, стручна соработничка за визуелни дејности во Домот. Таа со дополнителни информации ги збогати нивните сознанија за важноста на уметноста на Кондовски. Коавторка на изложбата е историчарката на уметност Јасминка Намичева. Изложбата досега освен во Кавадарци, имаа можност да ја видат и граѓаните на Скопје и на Велес.
Ми. М.
































