Осумдесет години од основањето на ДЛУМ

Во организација на Друштвото на ликовните уметници на Македонија во Музејот на град Скопје, утревечер со почеток во 20 часот ќе биде отворена изложбата „Експериментален цртеж“, работена на темата „Невидливи траги“, на која со свои дела ќе се претстават 43 уметници, членови на ДЛУМ.
Ќе бидат изложени дела на: Јана Манева-Чупоска, Ицко Петрески, Соња Димитрова, Ивона Велковска, Ацо Таневски, Гоце Божурски, Слободан Милошески, Златко Глигоров, Ангел Димовски Чауш, Душан Георгиевски, Марина Коцарева Ранисављев, Марија Мицова Гацова, Елена Гелева, Зулејха Зубери Али, Христина Хаџиева, Ненад Тонкин, Стефан Јакимовски-Стеф, Константин Качев, Елена Николоска Цветковиќ, Ристо Мијаковски, Иво Пецов, Стефан Анчевски, Наташа Андонова, Дијана Томиќ Радевска, Јана Јакимовска, Мирјана Крстева Масети, Ирена Паскали, Стефан Хаџи Николов, Марина Цветановска Мартиновска, Дејан Иванов Маргуш, Љупка Галазка Василев, Нина Богуновиќ, Ана Ивановска, Татјана Ристовска Керакамика, Тања Балаќ, Маја Рауник Кирков, Марија Чепишева, Стефан Младеновски, Валентина Илијевска, Јовица Мијалковиќ, Златко Хаџи Пецов, Перо Кованцалиеви Слободан Живковски.
Изложбата ќе ја отворат Јана Манева-Чупоска, претседателка на Друштвото на ликовни уметници на Македонија, Маја Рауник Кирков, претседателка на Уметничкиот совет на Друштвото на ликовни уметници на Македонија, и Панче Велков, директор на Музејот на Град Скопје.
Изложбата е по повод значајниот јубилеј на Друштвото на ликовни уметници на Македонија – 80 години од основањето и 80 години плодна ликовна уметничка дејност.
Од Уметничкиот совет, тело што континуирано ја носи одговорноста за концептуалниот развој, стручните стандарди и логистичката реализација на нашите програмски активности, велат дека се особено горди на соработката со
професионалните ликовните уметници, кои со своето континуирано учество на изложбите во организација на ДЛУМ ја покажуваат виталната и креативна уметничка пракса на нашата ликовна сцена во период од 80 години.

– Овој историски значаен и долг период во континуирано постоење потврдува дека изложбите во организација на ДЛУМ се простор за вклучување на различните уметнички пракси и сензибилитети и креирање простор за квалитетна и ангажирана ликовна дебата. Ликовните дела на сите колеги членови на ДЛУМ се сведоштво за посветена работа во градењето јасна уметничка визија, повеќеслојна и богата, во која се преплетуваат традицијата и современите текови. Посветеноста на ДЛУМ во континуирана каталогизација и публикација на ликовните активности е исклучително важен сегмент во документирање на промените во македонската ликовна сцена. Сите организирани изложби според професионални стандарди се најубава презентација на нашиот идентитет и основа за градење нови уметнички визии за следните генерации. Јубилејната програма е конципирана како простор за дијалог и размена, преку кој се вклучуваат колеги од сите градови во Македонија за да го претставиме заеднички раскошниот креативен мозаик на стилски определби, ликовни техники и концепциски решенија на членовите на ДЛУМ од сите генерации. Им благодариме на сите членови за учеството во овие јубилејни изложби и се радуваме заеднички на остварените визии – вели
Маја Рауник Кирков, претседателка на Уметничкиот совет на ДЛУМ.
Улогата на сите тела на ДЛУМ е да креира релевантни концепти, да поставува критериуми, кои ја унапредуваат квалитетната продукција, и да обезбеди транспарентни и професионални услови за презентација на уметничките дела. Овој јубилеј не е само ретроспектива на постигнатото туку и поттик за нови иницијативи, соработки и визии.
– Веруваме дека преку заеднички ангажман ќе продолжиме да ја развиваме уметничката сцена и да создадеме одржлива и инспиративна иднина – додава Рауник Кирков. В.Д.