Одржан Семакедонскиот собор во Мелник посветен на големиот македонски револуционер

  • Настанот се претвори во силна и јасна порака против омразата, дискриминацијата и против сите обиди за асимилација, нагласувајќи дека коренот на долгогодишните проблеми лежи токму во систематското негирање на постоењето на македонското малцинство и нација. Преку своето присуство и зборови, учесниците ја истакнаа суштината на борбата за права како чин на достоинство и отпор, кој не е насочен само кон заштита на Македонците во Бугарија туку и кон создавање праведно општество за сите граѓани, без оглед на нивното етничко потекло. Оваа борба, истовремено, е и придонес кон заедничката европска идеја за еднаквост и толеранција, а нејзиниот одек се шири и надвор од границите – до сите Македонци каде и да живеат

Улогата на Јане Сандански како симбол на македонската борба за слобода и праведност повторно беше истакната на традиционалниот семакедонски собор посветен на големиот македонски револуционер и народен водач, познат и како пиринскиот цар, кој се одржа вчера во Мелник, Пиринска Македонија, Република Бугарија.
Настанот започна со положување цвеќиња на гробот на Сандански кај Роженскиот манастир, каде што присутните оддадоа почит на неговото дело и жртва. Главниот дел од соборот се одржа во Мелник, пред споменикот на војводата. На свеченоста беше прочитан и пригоден говор во чест на Сандански, по што соборот продолжи со богата културна програма исполнета со македонски песни и ора, која ги пренесе живата традиција и духот на заедништвото меѓу Македонците од различни краишта.
Настанот беше исполнет со емоции, симболика и чувство на единство, потсетувајќи дека делото на Јане Сандански останува вечен патоказ за слободољубивиот дух на македонскиот народ. Организатори на соборот беа ОМО „Илинден“ – Пирин, Македонското меѓународно движење за човекови права, ОМО „Илинден“, „Антички Македонци“, Друштвото на репресираните Македонци во Бугарија, македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“, Друштвото за заштита на основните човекови права, Македонскиот дискусионен клуб за етничка толерантност и правозаштитниот комитет „Толерантност“.

Платформа за афирмација на македонскиот идентитет

Соборот во Мелник однапред ја исклучи во целост секоја можност да постојат и најситни елементи врз основа на кои некој недобронамерен субјект или институција ќе може да го етикетира соборот како „израз на екстремен национализам или сепаратизам“! Затоа, соборот, извонредно педантно организиран, изгледаше во целост како возвишен празник на достоинството и во насока на демократското барање за остварување на човековите и малцинските права на Македонците во Република Бугарија. Тој стана живо сведоштво за опстојувањето и единството на македонската заедница, симболично поврзувајќи ја историјата со современата борба за признавање и еднаквост. Присутните ја нагласија суштината на оваа традиција како празник на заедништвото и братството меѓу народите, потсетувајќи на вечната порака на Јане Сандански дека „народите се браќа и како браќа треба да живеат“. Со својата симболика, соборот ја надмина рамката на обична комеморација и се претвори во платформа за афирмација на правото на идентитет, култура и јазик, како и во повик за толеранција и заеднички живот. Тој е доказ дека македонската заедница во Бугарија не бара поделби, туку признавање и почитување, и дека борбата за човекови права е борба за сите граѓани, без оглед на нивното потекло.
– Традиционалниот Семакедонски собор во Мелник е празник на нашето опстојување како Македонци во Бугарија, на македонското единство и на идејата дека народите се браќа и како браќа треба да живеат. Јане е симбол за Македонците во Бугарија бидејќи беше роден во емиграција во Бугарија од татко бајрактар во Македонското кресненско востание, роден во Влахи, Пиринска Македонија – и така тој е претставник и на Македонците во Пиринска Македонија и на македонската емиграција во Бугарија. Но тој ја напушти Бугарија и дојде во Македонија, во пиринскиот дел за да се бори за Македонија и Македонците, покажувајќи дека крвта вода не станува. Тој се бореше и за правата за сите народности под спомнатата девиза за народите како браќа – рече Стојко Стојков, истакнат македонски активист и историчар од Пиринска Македонија, кој се бори за човековите и малцинските права на Македонците во Бугарија и е копретседател на организацијата ОМО „Илинден“ – Пирин.

Испратена силна порака против омразата и дискриминацијата

Со тоа, настанот се претвори во силна и јасна порака против омразата, дискриминацијата и против сите обиди за асимилација, нагласувајќи дека коренот на долгогодишните проблеми лежи токму во систематското негирање на постоењето на македонското малцинство и нацијата. Преку своето присуство и зборови, учесниците ја истакнаа суштината на борбата за права како чин на достоинство и отпор, кој не е насочен само кон заштита на Македонците во Бугарија туку и кон создавање праведно општество за сите граѓани, без оглед на нивното етничко потекло. Оваа борба, истовремено, е и придонес кон заедничката европска идеја за еднаквост и толеранција, а нејзиниот одек се шири и надвор од границите – до сите Македонци каде и да живеат. Така, соборот во Мелник стана симбол на отпор против негирањето и повик за признавање, почитување и братство, во духот на пораката на Јане Сандански дека народите се браќа и како браќа треба да живеат.
– Единствено што постигнува кампањата против Македонците и Македонија е сеење омраза. Затоа собрани во чест на човекот што учеше дека „народите се браќа и како браќа треба да живеат“ – ние ѝ кажуваме не на омразата. Коренот на сите проблеми е негирањето на постоењето на македонското малцинство и нација. Затоа на таквата политика на негирање, асимилација и дискриминација треба да ѝ се стави крај, тоа е висока должност не само на Македонците во Бугарија туку и на секој бугарски граѓанин. Со својата борба за права на Македонците денес придонесуваме не само за нас туку и за сите граѓани во Бугарија без разлика на нивното потекло, придонесуваме и за сите Македонци каде и да се – нагласи Стојко Стојков. Д.Ст.