КУГЛАЊЕ – ПОЧНУВААТ ПОДГОТОВКИТЕ ЗА ПОЕДИНЕЧНИТЕ СП 2026 И ЕП 2026
- Во согласност со рејтингот на македонското куглање, кое скокна по освојувањето на извонредното петто место на екипното сениорско Светско првенство минатата година во Унгарија, имаме рекорден број претставници, по шест сениори и сениорки, по двајца во возрасната категорија до 23 години и по еден во возрасната категоријата до 19 години, вели претседателот на КФМ и репрезентативец, Дарко Димитровски
Поширокиот состав со македонски куглари и кугларки од денеска до 27 мај ќе се подготвува за претстојното поединечно Светско првенство (СП) во австрискиот град Швац, од 30 мај до 6 јуни. На истото место ќе се одржат и поединечното СП и Европско првенство (ЕП) во категориите до 19 години (од 20 до 27 мај) и до 23 години (од 24 до 29 мај), на кои ќе настапат и македонските надежни куглари и кугларки.
– Во согласност со рејтингот на македонското куглање, кое скокна по освојувањето на извонредното петто место на екипното сениорско Светско првенство минатата година во Унгарија, имаме рекорден број претставници, по шест сениори и сениорки, по двајца во возрасната категорија до 23 години и по еден во возрасната категоријата до 19 години. За жал, единствено немаме свои претставници во категоријата до 15 години – вели претседателот на Кугларската федерација на Македонија (КФМ) и репрезентативец, Дарко Димитровски.
Сениорите денеска ќе ги почнат подготовките за СП, а денеска треба почнат и сениорките.
– За кугларите се обезбедени подготовки во кугларницата во СЦ „Боро Чурлевски“ во Битола, одобрени од Општина Битола, и во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, за што очекуваме скорешно одобрување. Ќе ги вклопиме и сениорките во овие подготовки, а младите категории ќе се подготвуваат во Битола, со оглед на фактот дека сите младинци и младинки се токму од Битола. За вршител на должноста селектор на сениорите е назначен Душко Ајдин, кој наедно е и тренер на КК Макпетрол. Селектор на сениорките, пак, е Перо Гијевски, кој е и тренер на ЖКК ГТЦ Мусандра, од каде што доаѓаат и четири репрезентативки. Селектор на младите категории на Македонија е Игор Михајловски, кој е и еден од креаторите на новите битолски надежни куглари и кугларки. Што се однесува до натурализираните македонски куглари, за разлика од порано, кога беа повеќе, сега боите на Македонија ќе ги брани само кугларот со словенечко потекло и светско име на овој спорт, Урош Стоклас, додека сите други играчи се од домашното куглање. Засега списокот е поширок, а кои ќе одат во Швац, ќе се знае кон средината на мај – вели Димитровски.
За очекувањата на македонските куглари од СП 2026 во сите возрасни категории, Димитровски е резервиран.
– Уште е рано да се говори за ова. Многу работи ќе зависат од самата подготовка, формата на кугларите во тој период и, секако, од ждрепката, односно кои поединци ќе ни паднат, оти СП се игра по пат на елиминации, со дуел-систем. Нашите очекувања се да соборуваме лични рекорди, а како ќе поминеме, ќе видиме – додава Димитровски, кој е и на поширокиот список како играч за претстојното СП 2026.
Поширок состав за СП 2026: сениори: Душко Ајдин, Дарко Димитровски, Урош Стоклас, Никола Андоновски, Петар Радовиќ, Пеце Димовски, Коста Ристевски, Саша Јанковиќ, Александар Младеновски и Александар Блажевски. Сениорки: Билјана Гаврилова, Драгана Гаврилова, Данче Наумовска, Тања Трпковска, Милена Петрески, Мирјана Младеновска, Елена Аврамовска, Стефанија Алексовска, Андреа Велјаноска. Јуниори (до 23 години): Архан Арслановски, Дарко Јовановски, Кристијан Николовски, Владимир Талевски. Јуниорки (до 19 г.): Стефанија Алексовска, Ева Димитровска, Емилија Илијевска, Ивана Трајчевска, Андреја Велјаноска. Јуниор (до 19 г.) на ЕП 2026: Владимир Талевски. Јуниорка (до 19 г.) на ЕП 2026: Емилија Илијевска. Г.И.

































