Фото: Фестивал на Малата школа за краток филм
Меѓународниот филмски Фестивал од Нанси, во соработка со НУ Центарот за култура Битола, по петти пат го организира Фестивалот на Малата школа за краток филм. Фестивалот, кој во Франција се одржува под името „Festival de la Petite École du Film Court“ и годинава го имаше своето 21-во издание, во Битола го реализираше своето петто издание.
Фото: Фестивал на Малата школа за краток филм

Додека првите три изданија во Битола беа прилагодени за македонската публика, последните две се со иста програма како францускиот Фестивал, што овозможува споредба на реакциите на публиката во двете земји. Фестивалот е наменет за ученици од основните училишта на возраст од 5 до 14 години, поделени во четири селекции според возраста.

Во Битола беше прикажана и специјална селекција за средношколци, составена од наградени краткометражни филмови избрани од средношколското жири на Фестивалот во Нанси. Меѓу нив беа игран филм „На мареи“ на Леа Жад Хорлие, кој ја обработува темата за положбата на жените во Авганистан, како и документарниот филм „Потег“ на Елахе Есмаили за наметнувањето на задолжителна облека за жените во Иран. Прикажани беа и анимираниот документарец „Татковите писма“ на Алексеј Евстигнеев и филмот „Нуркање“ на Алд Јулиано.

Фото: Фестивал на Малата школа за краток филм

– Нашата работа придонесува за уметничко и културно образование и им помага на учениците да развијат критичко размислување преку филмот – изјави д-р Бландине Брунхес Гламчевски, директор на Фестивалот од Нанси.

Во рамки на Фестивалот, таа одржа и обука за наставници од основните училишта во Битола на тема „Воспитување преку слика“, по што им беа доделени сертификати. Фестивалот од Нанси е еден од пионерите во едукацијата преку филм, со поддршка од францускиот Центар за филм (ЦНЦ) и Министерството за култура на Франција.

– Учениците се охрабруваат да дискутираат по проекциите, да поставуваат прашања и да ги споделуваат своите ставови – додаде Брунхес Гламчевски.

Сите филмови беа преведени и титлувани на македонски јазик од Тони Гламчевски, претседател и главен селектор на Фестивалот од Нанси.

За време на Фестивалот беше потпишан и меморандум за соработка меѓу НУ Центарот за култура Битола и Меѓународниот филмски Фестивал од Нанси, во областа на кинематографијата и филмската едукација.

Во Битола беа прикажани вкупно 23 кратки филмови од различни жанрови.

Селекција за деца од 9 до 13 години:

„Куќа за споделување“ – филм за солидарност и поддршка на бегалците;
„Малото девојче кое сакаше да биде бело“ – тема за самоприфаќање;
„Нониќ“ – односот меѓу внук и дедо;

„Наежување“ – адолесценција и токсични односи;
„Светулките“ – приказна за работнички во фабрики со радиум.

Селекција за деца од 13 до 16 години:

„Во мода“ – критика на модните стандарди;
„Надвор од зборовите“ – борбен дух и упорност;
„До самиот крај“ – спорт и истрајност;
„Тенкиот воздух“ – последици од нуклеарната несреќа во Фукушима;
„Стихомитија или палтото на Арлекин“ – театар и трема;
„2:30“ – дијалог за родови улоги и притисоци.

Селекција за деца од 7 до 9 години:
„На ветрот“ – поетска приказна за слобода;
„Финале“ – односот меѓу внук и дедо;
„Госпоѓа Ивет“ – хумористична и емотивна приказна;
„Ревен“ – инклузија и прифаќање на различностите;
„На училиште“ – животот во воена Белгија;
„Амари“ – приказна за наследство и личен раст.

Фото: Фестивал на Малата школа за краток филм

Фестивалот и годинава ја потврди својата улога како важна платформа за филмска едукација и културно збогатување на младата публика во Македонија.