Фото: Министерство за здравство

Министерот за здравство Азир Алиу денеска на надзорна расправа на Комисијата за еднакви можности во Собранието истакна дека здравствениот систем има клучна улога во раната детекција и обезбедувањето поддршка за жртвите на семејно насилство.

– Министерството за здравство воспоставува системски пристап, со јасно дефинирани мерки и активности. Во тек е подготовка на програма за зајакнување на здравствениот систем за 2027 година, со предвиден буџет од два милиона денари, која ќе опфати превенција, бесплатни услуги за жртвите, кампањи за подигнување на свесноста и обуки за здравствените работници – изјави Алиу.

Тој посочи дека паралелно се работи на интеграција на центрите за сексуално насилство во системот на здравствени установи, со што овие услуги ќе станат траен дел од здравствениот систем.

– Особено значајно е поврзувањето на овие центри со електронскиот систем „е-здравство“, што ќе овозможи системско евидентирање на случаите и креирање политики врз основа на реални податоци – додаде министерот.

Алиу нагласи дека се прават и законски измени, меѓу кои вклучување на насилството како основ во Законот за здравствена заштита, како и повторно воспоставување регистар за насилство во рамки на здравствениот систем.

– Овие иницијативи се важен чекор кон интегриран и ефикасен систем – истакна тој.

Министерот упати благодарност и до Комитетот за безбедно мајчинство, кој, како што рече, веќе иницирал конкретни подобрувања во функционирањето на центрите за поддршка на жртви на семејно насилство.