Повод: Пресинг-иницијатива на македонската делегација во Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ)
Во рамките на редовната сесија на Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ), заменик-шефицата на македонската делегација во Советот на Европа во Стразбур, Иванка Василевска, упати директно прашање до генералниот секретар на Советот на Европа, Ален Берсе, во врска со десетгодишната забрана за влез во Бугарија за адвокатот Тони Менкиноски.
– Како член на македонската делегација, дозволете ми јасно и директно да прашам дали Советот на Европа ќе реагира и со кои конкретни механизми ќе постапи во случајот со адвокатот Менкиноски – истакна Василевска.
Во име на македонската делегација, Иванка Василевска посочува дека изречената мерка отвора сериозни сомнежи за повреда на Европската конвенција за човекови права, особено во делот на правото на правично судење.
– Оваа мерка отвора сериозни сомнежи за повреда на членот 6 од Европската конвенција за човекови права, правото на правично судење, кое подразбира ефективен пристап до адвокат и непречено правно застапување – наведува заменик-шефицата на македонската делегација во Советот на Европа во Стразбур.
Дополнително, делегацијата преку обраќањето на Василевска посочила и на можност за злоупотреба на ограничувањата на правата.
– Се поставува прашањето и за повреда на членот 18 од Конвенцијата, забрана за злоупотреба на ограничувања на правата за цели различни од оние пропишани со Конвенцијата – се наведува во прашањето.
Василевска истакнува оти ваквата постапка е во спротивност и со принципите за заштита на адвокатската професија.
– Адвокатите мора да можат да ги вршат своите функции слободно, независно и без заплашување, попречување или неоправдано мешање, особено кога постапуваат пред меѓународни механизми за заштита на човековите права – наведува Василевска.
Во своето обраќање, во име на македонската делегација, Василевска побарала и конкретна реакција од Советот на Европа, вклучувајќи и активирање на механизмите за утврдување факти и институционален дијалог.
– Дали Советот на Европа ќе иницира итно утврдување на фактите и формално разгледување на овој случај, со цел да се спречи создавање опасен преседан – прашува таа.
Василевска дополнително го повикала генералниот секретар да ги искористи своите овластувања во согласност со членот 52 од Конвенцијата.
– Дали ќе побарате формални објаснувања од бугарските власти за усогласеноста на нивното постапување со Конвенцијата – се наведува во прашањето.
Таа предупредила дека ваквите случаи може да имаат пошироки последици врз правниот систем.
– Постои ризик од создавање „чилинг ефект“ (chilling effect) врз адвокатите и поткопување на довербата во целиот систем за заштита на човековите права – нагласува Василевска.
На крајот заменик-шефицата на македонската делегација во Советот на Европа во Стразбур, Иванка Василевска, во името на македонската делегација порачала дека се очекува јасна и принципиелна реакција од Советот на Европа.
Доколку македонската делегација не добие впечаток дека прашањето на заменик-шефицата на македонската делегација во Советот на Европа во Стразбур влегло во процедура, за прашањето ќе има репетиција
Исклучително значајна е информацијата дека истото прашање до генералниот секретар на Советот на Европа се очекува да го постави и Бисера Костадиновска-Стојчевска, која е дел од македонската делегација во Парламентарното собрание на Советот на Европа, што говори за суштинска и јасна (натпартиска) координација на членовите во македонската делегација за прашања од есенцијален национален карактер. Клучната цел е да му се посочи на Советот на Европа за непринципиелниот однос на соседна Бугарија, која без никаква правна основа го ограничува основното човеково право на слободно движење.
Во врска со ова, треба да се напомене дека генералниот секретар на Советот на Европа, Ален Берсе, изрази подготвеност институцијата внимателно и детално да се запознае со случајот со адвокатот Тони Менкиноски, по поставеното прашање од пратеничката Иванка Василевска. Берсе нагласи дека за Советот на Европа остануваат приоритет заштитата на човековите права, владеењето на правото и независноста на адвокатската професија, како темелни принципи на конвенцискиот систем.
Тој посочи дека во овој момент не располага со сите потребни информации за да даде конечна оцена, но најави дека ќе бидат иницирани дополнителни консултации со неговиот кабинет и надлежните служби, со цел да се направи темелна анализа на сите релевантни факти и околности.
Воедно, генералниот секретар истакна дека доколку се утврдат прашања од значење во однос на примената на Европската конвенција за човекови права, Советот на Европа ќе постапи во согласност со своите надлежности, користејќи ги расположливите механизми за дијалог, мониторинг и институционална соработка. С.Т.
Натпартиски бедем на македонската делегација во Стразбур
Кога националниот интерес ќе ги премости партиските ровови
Случајот со десетгодишната забрана за влез во Бугарија на адвокатот Тони Менкиноски, изнесен пред Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ), е повеќе од правен преседан – тој стана точка на обединување што ретко се гледа на македонската политичка сцена.
Истапот на Иванка Василевска, засилен со најавената поддршка од Бисера Костадиновска-Стојчевска, испраќа моќна порака до меѓународната заедница: кога станува збор за заштита на македонскиот идентитет и човековите права, партиските бои избледуваат пред државниот интерес.
Оваа нова кохезија во македонската делегација не е само протоколарна соработка туку и вистинска „дипломатска офанзива“. Наместо вообичаените внатрешни препукувања пресликани на европска сцена, овој пат видовме заеднички фронт против обидите за дезавуирање и деноминација на македонскиот народ и малцинството во Бугарија. Случајот „Менкиноски“ тука се јавува како метафора за општата борба за правда, симбол на бедемот околу кој мора да се обединиме. Ваквиот натпартиски пристап во Стразбур треба да послужи како лекција и за домашната политичка сцена. Додека во Скопје на националните телевизии сè уште се даваат изјави од највисоки партиски лидери за „безопасноста од уставните измени“ и се даваат изјави што често кокетираат со туѓи интереси (што како мотив е коментирано во нашиот редакциски став на страница 8 во денешниот број „Нова Македонија“), македонските пратеници во Советот на Европа покажаа дека може да се изгради заеднички став. Токму тој консензус е единствениот јазик што меѓународната заедница го разбира и почитува.
Ефектот е јасен: кога настапуваме како едно, притисокот е поголем, а аргументите посилни. Реакцијата на генералниот секретар Ален Берсе, кој веќе најави темелна анализа и дополнителни консултации, е директен резултат на оваа координирана акција. Македонија победува само тогаш кога нејзините претставници, без разлика на партиската припадност, ќе одлучат цврсто да застанат во одбрана на националното достоинство. Тоа не е само политичка стратегија, тоа е обврска кон народот, кој јасно го кажа своето мислење. С.Т.
Стразбур не смее да дозволи одмаздата да биде над правото
Случајот со Менкиноски отвори една Пандорина кутија во Стразбур на која со децении во тој европски дом на човековите права се настојува да се гледа со розови очила. На пример кога една земја прогласува дипломат за персона нон грата, тогаш државите речиси секогаш по автоматизам го активираат своето право (Виенска конвенција) за реципроцитет и изрекуваат иста мерка. Но протерувањето дипломат и негова забрана за влез во земјата на одреден период не може да се изедначи кога на бранител на индивидуалните или колективните човекови и малцински права ќе му се изрече таква мерка – непожелен за влез во земјата. На адвокатот Тони Менкиноски, кој ја доби државата Бугарија во случајот со ОМО Илинден-Пирин, некогаш партија и организација на Македонците од Бугарија, и тоа неколкупати, му е изречена драстична мерка со забрана за влез во Бугарија од десет години, без притоа да се даде какво било објаснување за изречувањето на таа мерка. Обично државите се повикуваат на својот суверенитет, што значи и право да донесат таква одлука, но како по правило тие не даваат некое објаснување туку само истакнуваат дека лицето „Х“ е опасност за националните интереси и безбедноста. Една длабинска анализа направена на случајот со Менкиноски не може да ни го даде одговорот со што тој е загрозувач на безбедноста на Бугарија, која е членка на НАТО, на ЕУ и на сите меѓународни организации.
Затоа овој случај ќе треба да побуди сериозен интерес и внимание и во институциите на Стразбур, па и тие да направат притисок врз Бугарија со цел да ги чујат аргументите на Софија зошто одредила таква драстична мерка. Доколку не се направи тоа, односно механизмите во Советот на Европа ќе гледаат со розовите очила, тогаш јавноста во Европа ќе има основи за сомнеж во капацитетот и оправданоста на постоењето на еден таков голем механизам каков што има Стразбур во заштитата на човековите права, особено за оние што професионално и под заклетва имаат право и обврска да ги бранат непристрасно, како што е тоа токму адвокатот Менкиноски. Затоа е неопходно и македонската дипломатија по своите дипломатски канали активно да се вклучи во расчистувањето на овој случај во обидот да се тргнат тешката казна и анатема врз Менкиноски, но и врз неговите колеги-бранители на човековите права. Токму врз Менкиноски Бугарија тренира строгост и извитоперено читање на Договорот за пријателство и соработка, кој всушност со таа мерка само го прекршува. Со таков аршин Софија не е на добар пат да воспостави добрососедски односи со официјално Скопје. Р.Н.М.
































