Фото: ЕПА

Претседателката на Европска комисија, Урсула фон дер Лајен, се најде под остри критики откако ја спомена Турција заедно со Русија и Кина како извори на влијание од кои Европска Унија треба да се заштити.

Изјавата беше дадена на одбележувањето на 80-годишнината на германскиот неделник „Ди цајт“ во Хамбург.

 – Треба да го заокружиме европскиот континент за да не потпадне под руско, турско или кинеско влијание – изјави Фон дер Лајен, додавајќи дека Европа мора да размислува пошироко и геополитички во контекст на проширувањето.

Таа оцени дека досегашниот европски модел, заснован на евтина енергија од Русија, евтина работна сила од Кина и безбедносни гаранции од САД, повеќе не е одржлив и дека ЕУ треба да стане понезависна.

Изјавата предизвика реакции бидејќи Турција е кандидат за членство во ЕУ и членка на НАТО, како и важен партнер во областа на безбедноста, миграцијата и енергетиката.

Аналитичарот Рикардо Гаско оцени дека пораката е „политички индикативна“ и покажува дека дел од Европа сè уште има резерви кон Анкара како стратешки партнер.

Членката на Домот на лордовите во Велика Британија, Мерал Хусеин-Ече, истакна дека ставањето на Турција во ист контекст со Кина е спорно, нагласувајќи ја нејзината европска и сојузничка улога.

Политикологот Серен Селвин Коркмаз смета дека ваквата реторика означува промена во односот на ЕУ – од „неопходен, но проблематичен партнер“ кон третирање на Турција како надворешен фактор на влијание.

Економистот Тимоти Еш оцени дека Европа не може да гради безбедносна архитектура без Турција, особено во сценарио со намалено присуство на САД, каде важна улога би имале и Украина, Финска и Полска.

Аналитичарот Зија Мерал оцени дека ваквите изјави отвораат прашања за иднината на пристапниот процес на Турција во ЕУ, кој трае од 1999 година, но е во застој поради загриженост за демократијата и владеењето на правото под раководство на Реџеп Тајип Ердоган.

И покрај тоа, ЕУ и понатаму ја смета Турција за клучен партнер во миграцијата, трговијата и енергетскиот транзит, имајќи ја предвид нејзината стратешка позиција меѓу Европа, Блискиот Исток и Кавказ.