КОШАРКА – НБА-ЛИГА
- Тој е најмладиот дефанзивен играч на годината во историјата на НБА и првиот победник избран едногласно. Сан Антонио е првиот клуб со четири играчи што ја освоиле таа награда. Вембањама, Робинсон и Џордан се единствени што ги освоиле наградите за дебитант на годината и за најдобар дефанзивец
Никогаш досега немало едногласно избран дефанзивен кошаркар на годината во НБА-лигата. Виктор Вембањама, како што се очекуваше, е прогласен за најдобар во таа категорија за сезонава, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП). Центарот на Сан Антонио беше втор во гласањето за таа награда како почетник во лигата, беше фаворит лани сѐ додека предвреме не ја заврши сезоната, а потоа не остави никаков сомнеж годинава, пишува АП. Со 22 години, тој е најмладиот добитник на таа награда. Чет Холмгрен од Оклахома и Аусар Томпсон од Детроит беа другите финалисти, откако двајцата им помогнаа на своите тимови да го обезбедат првото место за плејофот. Вембањама ја предводеше НБА според бројот на блокирани удари трета сезона по ред.
Сан Антонио е првиот клуб со четири играчи што ја освоиле наградата за најдобар дефанзивец, откако првпат беше доделена за сезоната 1982/83. Другите освојувачи од Сан Антонио се Алвин Робертсон во 1986 година, Дејвид Робинсон во 1992 година и Кавај Ленард во 2015 и во 2016 година. Вембањама им се придружи на Робинсон и на Мајкл Џордан како единствени кошаркари што ги освоиле наградите за дебитант на годината и за најдобар дефанзивец.
Стивен Кари од Голден стејт беше едногласно прогласен за МВП во 2016 година, а во 10-те сезони потоа имаше само два случаја кога играч собрал 100 отсто од гласовите за прво место за некоја награда. Тоа беа Вембањама за наградата за дебитант на годината во 2024 година и сега за дефанзивец на годината. Ниту еден играч најмалку во претходните 50 сезони, а можеби и никогаш, бидејќи е тешко да се каже со сигурност бидејќи некои целосни резултати од гласањето за награди доделени пред генерации не се јавно познати, не освоил две награди едногласно, пишува АП. Тоа е 10-от познат едногласен избор во кое било гласање за награди во НБА, за МВП, дебитант, шести играч, кошаркар со најголем напредок, дефанзивец или за тренер на годината. Н.М.
































