Фото: Царинска управа/Фејсбук

Наплатата на приходи од увоз на тутун и тутунски производи во првото тримесечје годинава е зголемена за 11 милиони евра во однос на истиот период лани, при што во Буџетот се слеале вкупно 2,14 милијарди денари, односно 34,7 милиони евра, соопшти Царинската управа на Македонија.

Како што информираа оттаму, во истиот период, царинските служби спречиле осум обиди за шверц, при што се запленети над еден милион парчиња цигари и 225,6 килограми тутунски производи, меѓу кои сецкан тутун, тутун за наргиле и никотински ќесички.

Во четири случаи е спроведена предистражна постапка, а поднесени се кривични пријави против четири физички и едно правно лице.

Од Царинската управа посочуваат дека акциите се насочени кон заштита на државниот буџет и здравјето на граѓаните.

– Нашата улога не е само да контролираме, туку да спречиме и да обезбедиме еднакви услови за сите. Само со почитување на законот можеме да изградиме стабилен систем и здрава економија – изјави директорот Бобан Николовски.

Тој нагласи дека целта е да се создадат услови во кои законското работење ќе биде предност, а нелојалната конкуренција ќе биде санкционирана.

Податоците беа презентирани по повод одбележувањето на 34 години од постоењето на Царинската управа.