Од 21 до 29 април, Македонија е домаќин на Светското училишно првенство во ракомет
Вечерва, во 19.30 часот, на плоштадот „Македонија“ во Скопје свечено ќе биде отворено Светското училишно првенство во ракомет. Македонија првпат е домаќин на ова важно спортско случување, кое ќе трае до 29 април, а е во организација на Федерацијата за училиштен спорт на Македонија, под покровителство на Министерството за спорт.
Шефица на делегацијата на Македонија е поранешната македонска репрезентативка, легендарната ракометарка Индира Кастратовиќ.
Таа беше дел од славната генерација на Кометал Ѓорче Петров, а денес е координаторка на женските национални селекции. Истакна дека е многу среќна што ќе биде шефица на делегацијата на Македонија.
– Ми претставува голема чест и задоволство, но во исто време и пријатна обврска, да бидам шефица на делегацијата на наша земја на ваков голем спортски настан како што е Светското училишно првенство во ракомет, на кој ќе учествуваат околу 700 млади ракометарки и ракометарки на средношколска возраст – вели Индира Кастратовиќ, која и самата започнала да се занимава со спорт уште во основно училиште.
На Светското училишно првенство во ракомет, меѓу 23 земји учеснички, ќе настапат македонските репрезентации во женска и во машка конкуренција до 18 години.
Натпреварите ќе се играа во шест спортски сали во Скопје: СРЦ „Македонско сонце“, СРЦ „Архиепископ Доситеј“, СРЦ „Кочо Рацин“, СРЦ „Крсте Мисирков“ и СРЦ „Антон Димитров“, додека финалните натпревари ќе се одиграат на 28 април во спортската сала „Расадник“ кога ќе се одржи и свеченото затворање на првенството.
Според Кастратовиќ, Светското училишно првенство во ракомет треба да биде поттик и инспирација за младите ракометари и ракометарки.
– Мундијалот има големо значење за нашите млади ракометарки и ракометари од повеќе аспекти. Учество на овој настан за млади луѓе треба да претставува голем поттик во развојот на нивните ракометни кариери, убава можност за стекнување нови интернационални спортски искуства, како и можност за создавање нови пријателства. Освен тоа, овој светски шампионат треба да биде инспирација за новите млади генерации да го засакаат ракометниот спорт и да почнат се занимаваат со него – истакна ракометарката, порачувајќи им на сите деца да изберат некој спорт и редовно да спортуваат.
Ракометот е кодифициран како спортска дисциплина на крајот на 19 век, во Данска. Според изменетите правила направени во 1917 година, првите меѓународни игри за мажи се одиграле во 1925 година, а за жени во 1930 година. Машкиот ракомет првпат се играл на Летните олимписки игри во Берлин, 1936 година, додека женскиот ракомет станал дел од овие игри во 1976 година.
Ф.Д.

































