Поранешниот претседател на Европски совет, Шарл Мишел, во интервју за „Брисел тајмс“ упати остри критики кон Европска комисија и нејзината претседателка Урсула фон дер Лајен, обвинувајќи ги за пречекорување на овластувањата.
Според Мишел, Комисијата се обидува да преземе надлежности што ѝ припаѓаат на Европскиот совет, особено во областа на одбраната, надворешното претставување и работата на Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС).
– Европската комисија денес се обидува да ја преземе контролата, што не е во согласност со договорите на Европската Унија – изјави Мишел.
Тој дополнително ја критикуваше фон дер Лајен, оценувајќи дека управува „авторитарно“, при што, според него, улогата на еврокомесарите е значително намалена.
Мишел се осврна и на односите меѓу ЕУ и САД, оценувајќи дека Унијата не дала соодветен и координиран одговор на американските санкции кон поранешниот еврокомесар Тиери Бретон.
































