На Владимир Илич Ленин му се припишува искажувањето дека „постојат децении кога ништо не се случува и недели во кои има настани што менуваат децении“. Токму овие велигденски недели протекоа со настани што навестуваат промени што не се случувале со децении. Помалку или повеќе воинствени и хаотични случувања низ светот, со кризи што се шират, што од ден на ден мутираат проследени со анемични, ретко успешни обиди тие да се решат.
Очите на светот беа свртени кон небото и Земјата. Успешната американска вселенска мисија „Артемис 2“ го отвора идниот пат кон Месечината и подалеку кон Марс. Таа ги навестува децениските пробиви на човечкиот ум и на човековото тело кон неизвесното, непознатото, далечното, кон бесконечното небо. На Земјата, на оваа мала планета за која уште се врти дилемата дали е плоча, топка или има форма на круша, како да се спуштил од небесата римскиот бог Марс и ги сее војните на копно, по вода и во воздух. Америка, Русија, Европа, Украина, Иран, Израел, Либан, Газа, цел Блиски Исток, секој на свој начин, во една или друга војна, се вклучени во тој пеколен воен котел, за среќа далеку од нашата држава, далеку од нашите граници.
Политичките очи во Македонија оваа недела се свртени кон Унгарија, каде што Виктор Орбан ја загуби власта по 16 години непрекинато владеење. Не е земјотрес што ќе ја стресе Европа или Европската Унија, напротив, но е потрес чии вибрации допираат или ќе допрат, порано или подоцна, до зградата на Илинденска, односно до нашата влада и држава воопшто.
Во фокусот е прашањето дали со неговото заминување Македонија ја губи Унгарија како пријател, блиску до сојузник, и дали блиската врска меѓу двете влади била темелена на интересите на државите или на меѓусебното разбирање на личностите. Поточно на премиерите Орбан и Мицкоски, не исклучувајќи го притоа и придонесот на поранешниот премиер, сега унгарски азилант Никола Груевски. Токму Груевски речиси пред две децении беше неимарот што ги изгради мостовите на новите врски меѓу двете влади, што ги спои Вардар и Дунав и без да постои футуристички планираниот канал Дунав – Вардар – Егеј. (еј, каква велелепна емоција за зближување на народите).
Иако пријателството е лична категорија што понекогаш се случува меѓу владетелите, сепак не треба да се пресликува на односите меѓу државите. Во современата историја и меѓународните односи постојат одредени закономерности. По правило односите меѓу државите се потпираат на долгорочни интереси што се совпаѓаат и што користат силен резервоар за заемно унапредување на соработката. Така е со едни држави. Со други треба да се биде внимателен, тактичен, а понекогаш и со подготвеност за отпор.
Не е ниту лажно ниту страшно ако се каже дека Владата на Република Македонија под лидерство на Мицкоски гледаше во Унгарија под Орбан држава што може да биде од помош, и таа помош се користеше политички, советодавно и материјално. Понекогаш тајно, некогаш јавно и материјално обемно, со претпоставена заемна корист. И, секако, дел на лична основа и меѓусебна почит.
За жал, симпатиите или антипатиите се ирационални категории, а пријателството во политиката е само фраза, како што е и демократијата што се користи само како флоскула, за уметнички впечаток.
Во време кога дома пропуштаме или не сакаме да учиме од традицијата, историјата и геополитиката, кога не се во функција вистинските сојузници и партнери, кога сме предмет на негативни стереотипи од пред два века, кога ни е де факто оневозможен приемот во ЕУ, кога сме негирани, уценувани, дрско понижувани, сиромашни и заостанати зад Европа, соработката со Унгарија изгледа еден нормален спој на македонската немоќ и унгарската европска позиција, таква каква што беше. Една сламка за спас во тој процес за опстанување.
Дотолку повеќе што никоја од другите европски држави не се осмелува на Македонија да ѝ понуди рака што би ја извлекла од неповолната ситуација во која се наоѓа со децении. Ретко кој би се лишил од таква шанса, се разбира ако сите нешта се одвиваат во духот на искреноста и ако се почитуваат интересите од двете страни
Сосема поинаква би била (или ќе биде) ситуацијата ако соработката меѓу Мицкоски и Орбан се засновала на незаконити дејства, ако била оптоварена со коруптивни договори, со зделки направени за личен а не за државен интерес. Ако кога било се покаже дека таму ѓаволот орал и копал, тогаш и Мицкоски би се нашол под ударот на јавноста и под органите со кои сега раководи. Такво нешто, таков епилог навестува Социјалдемократскиот сојуз, кој, брзо-брзо, уште нерасонет, при првиот ден од падот на Орбан се заканува со падот на Мицкоски. Едно е сигурно: во таква ситуација Мицкоски сигурно не би барал азил во Будимпешта, тоа место веќе не е сигурно.
Шегата настрана! Во контекст на односите меѓу Македонија и Унгарија може да го поставиме прашањето – има ли Македонија пријатели и сојузници?
Одговорот може да биде и да и не. Има написмено договори за пријателство со десетици земји, но во пракса не може да се набројат ниту на прстите од една рака. Со некои од соседите има договори за пријателство, а во суштина тие договори предизвикуваат непријателство, како што е примерот со Бугарија и со Грција. Европската комисија не ѝ е пријател на Македонија и покрај сите лицемерни изјави на претседателката Урсула фон дер Лајен и нејзините службенички Каја Калас и Марта Кос. Од страна на Комисијата, Македонија е измамувана со децении.
Русија ја има ставено Република Македонија на јавниот список на непријателски земји, од причина што ги поддржува санкциите и што ја следи европската политика. Америка ни е стратешки партнер, но да се стигне до неа треба да се преплива цел Атлантски Океан. И Кина е далеку, иако таа се труди да биде блиску, опасност на која нѐ предупредуваат надворешните патрони и внатрешните странски слуги. Европските земји, поединечно, не ја сметаат нашата држава за рамноправен партнер. Во нордиските грее поинакво сонце, поладно од нашето.
Што прави македонската влада? Во секоја држава владата е онолку моќна колку што е моќна и влијателна државата. Македонците се меѓу ретките што од својата влада очекуваат да вреди повеќе од државата што ја претставуваат. Каква е државата таква е и власта, иако важи и обратната изрека – каква власт таква држава. За народот да не зборуваме.
Односите на Македонија со другите држави често ги посматраме низ призма на екстремни гледишта: или ги сметаме за безусловни пријатели од кои очекуваме премногу или ги негираме, а сакаме да ги прифатиме позитивните сигнали што може да послужат како залог за посериозно пријателство и сојузништво.
Едно е сигурно: родителите се вечни, пријателите се избираат и се минливи и менливи. И друго е сигурно: децата не се онакви какви што посакуваат родителите туку такви какви што им ги дал Господ. Тоа најдобро го знаат нашите баби и мајки.































