Илустрација: „Нова Македонија“

Парадоксот на европските двојни стандарди

  • Парадоксот е во тоа што ЕУ го користи меѓународното право како штит кога се загрозени нејзините економски интереси и снабдувањето со нафта, додека истовремено го користи сопствениот суверенитет како изговор за да постави финансиски филтер за милиони луѓе

Она што предизвикува сериозни резерви кај сè повеќе европски граѓани се неконзистентните, лицемерни и непринципиелни ставови на официјален Брисел за повеќе прашања, што кај луѓето создава впечаток дека на Европската Унија едноставно не може да ѝ се верува.
И без некакво посебно навраќање во минатото, доволен доказ за ваквите перцепции се изјавите што доаѓаат од високи претставници на Унијата, кои од една страна говорат за меѓународното право и неговото почитување, додека од друга страна целосно се оглушуваат на истото меѓународно право кога треба самите да се придржуваат до него. Токму тоа се европското лицемерство и хипокризија што Македонија можеби најдобро ги почувствува врз своите плеќи.

ЕУ бара слобода на движење и почитување на меѓународното право

Последните реакции што доаѓаат од страна на претставници на ЕУ по најавите на иранските власти за наплатување надомест за минување низ Ормускиот Теснец јасно го отсликуваат тоа европско лицемерство.
– Европската Унија го отфрла секое размислување за „плаќање надомест“ за користење на Ормускиот Теснец, во кој мора да се одржи слободата на пловидба. Меѓународното право ја штити слободата на пловидба, а тоа значи токму она што го кажува самиот поим, без плаќање, без каков било вид надомест – изјави портпаролот на Европската комисија, Ануар ел Ануни.
Тој уште додаде дека „Ормускиот Теснец, како и секој друг пловен пат, е јавно добро, кое му служи на целото човештво“, а „тоа значи дека пловидбата мора да биде бесплатна“.
Неодамна и францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро истакна дека воведувањето систем за плаќање надомест за премин низ Ормускиот Теснец би било неприфатливо.
Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Каја Калас за време на нејзината посета на Абу Даби предупреди на пошироките опасности од ваквиот преседан.
– Ако тргнеме по таа опасна линија на давање право да се бараат патарини или даноци во овие води што претходно биле отворени, тогаш мислам дека ќе го видиме истото тоа и на други места во светот. Ова е многу опасен развој на настаните – порача Калас.

Не за „патарини“ низ Ормуз, но што со ЕТИАС?

Реакциите на претставниците на ЕУ се сосема на место и се во корелација со меѓународното право, но истата таа ЕУ, додека се жали и се повикува на правото, од своја страна воведува наплата на такса при влез во Унијата за секој граѓанин што не е жител на ЕУ.
Имено, откако сега веќе стартуваше ЕЕС (автоматизиран ИТ-систем што ги регистрира патниците од земји што не се членки на ЕУ, вклучувајќи ја и Македонија, секојпат кога ќе ја преминат надворешната граница на шенгенската зона), кон крајот на 2026 година ЕУ ќе го поведе и ЕТИАС. Со него, за влез во Унијата ќе се наплаќаат по седум евра од човек, со исклучок на децата и лицата над 70 години.
Без оглед како ќе го дефинира тоа официјален Брисел, дали како безбедносна мерка или нешто друго, во пракса тоа не е ништо друго туку еден вид „патарина“, односно плаќање за влез во ЕУ. Со други зборови, ЕУ се противи на воведување „бродарини“ за поминување низ Ормускиот Теснец, а истовремено воведува патарини за сопствениот праг. Крајно парадоксално.

ЕУ го користи меѓународното право како штит само за своите интереси

За добар дел од соговорниците со кои разговаравме ова е класичен пример за „двојни стандарди“, каде што истите принципи се толкуваат различно во зависност од тоа дали некој треба да плати или да наплати.
– Од една страна, кога Иран најавува наплата за Ормускиот Теснец, европските дипломати веднаш се повикуваат на „високи идеали“. Тие тврдат дека стратешките патишта се „јавно добро“ и дека секоја такса е директен напад врз слободата. Но штом ќе го свртиме погледот кон границите на ЕУ, приказната се менува. Тука „слободата на движење“ престанува да биде универзално право и станува комерцијална услуга подведена под превезот на безбедноста – велат соговорниците.
Според нив, парадоксот е во тоа што ЕУ го користи меѓународното право како штит кога се загрозени нејзините економски интереси, додека истовремено поставува финансиски филтер за милиони луѓе.
– Ако Ормускиот Теснец е јавно добро бидејќи е географски важен, зошто тогаш европскиот простор не се третира со истата филозофија? Наплатата на ЕТИАС-таксата е јасен сигнал дека ЕУ не верува во „бесплатна пловидба“ кога станува збор за нејзиниот праг. Тоа е политика каде што парите на другите се „уцена“, а сопствените такси се „административни потреби“. Ова е деградирачко за сите оние што со години слушаат европски лекции за слобода, за на крајот да добијат сметка од седум евра за влез во тој „слободен свет“ – констатираат соговорниците.