фото: Маја јаневска-Илиева / Илустрација

Со барања за психијатриски вештачења, читање на исказ на отсутен сведок и мерки за обезбедување присуство на други сведоци, помина денешното рочиште за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, пренесе МИА.

Ниту еден од предложените сведоци на Обвинителството не присуствуваше во судницата, по што Судот ги прифати нивните предлози, вклучително и читањето на исказот на Денис Даутовски, кој во моментов не е достапен на органите на прогонот.

За сведоците Ана Томева и Лина Крстова, Обвинителството побара ангажирање на вешти лица од областа на психијатријата, со цел да се утврди дали нивната здравствена состојба претставува душевно заболување и дали поради тоа не се во можност да сведочат. Врз основа на тие наоди, Судот дополнително ќе одлучува за евентуална примена на член 388 став 5 од Законот за кривична постапка.

Одбраната се спротивстави на овој предлог, оценувајќи дека доколку се утврди душевно заболување, тоа би ја довело во прашање веродостојноста на нивните претходни искази. Сепак, Судот одлучи да се изготват вештачењата.

Во однос на сведоците Александра Пепеларовска и Теа Ѓорѓиевска, со кои Обвинителството не успеало да стапи во контакт, Судот наложи да им бидат испратени покани за наредното рочиште.

За сведокот Дарио Трифунов беше соопштено дека се наоѓа во Бугарија на студии, на засега непозната адреса, по што Судот прифати да се изврши проверка на неговата достапност.

На рочиштето беше прочитан и исказот на Денис Даутовски, во кој се наведува дека за време на настапите била користена пиротехника („прскалки“), која се активирала со далечинско управување, но не му е познато дали тоа било пријавено кај надлежните институции.

Судењето се однесува на пожарот што избувна на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК, при што загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Процесот продолжува на 22 април.