Фото: Пиксабеј

Турските власти наредија апсење на 83 лица и блокираа 940 профили на социјалните мрежи во рамки на истрага за онлајн содржини поврзани со пукањата во училиштата во Кахраманмараш и Шанлиурфа, јавува „Хуријет дејли њуз“.

Според извештајот, идентификувани се 591 профил што ширеле намерни дезинформации, додека 66 адреси на Телеграм биле означени за отстранување на содржини и ограничување на пристапот.

Дополнително, затворени се и 93 групи на Телеграм поврзани со провокативни и штетни објави.

Од Министерството за внатрешни работи соопштија дека акцијата има за цел да спречи ширење паника и величење на насилството.

– Напорите за борба против онлајн провокациите и дезинформациите продолжуваат со решителност – соопштија турските власти.

Во Истанбул, обвинителството отвори посебна истрага поради пораки на Телеграм во кои едно училиште било наведено како потенцијална цел. Во рамки на истрагата, приведени се шест малолетници осомничени за закани со цел создавање страв кај јавноста.

Гувернерот на Истанбул, Давут Ѓул, изјави дека институциите преземаат мерки против објави што шират паника.

– Таква трагедија не може да се искористи – рече Ѓул, додавајќи дека одговорните ќе бидат санкционирани.

Истрагата открила и активност во голема Телеграм-група со околу 100.000 членови, која споделувала снимки од нападите, ги величала сторителите и дискутирала за потенцијални нови напади.

Од Министерството за правда информираат дека дигиталните активности поврзани со нападите се внимателно следени, во координација со 171 обвинителство низ сите 81 покраина во Турција.