Велигден е, ајде да се кршиме. Секогаш се служевме со трикови. Или јајцето е дрвено или ставено во фрижидер и привремено е мошне силно. Победуваш, добиваш јајце од противникот. Играме фудбал на обоени јајца. Ех, временска ризница. Предизвик и вистинско богатство. Како деца, не ја ни знаевме тежината на денот. Сепак, знаевме да славиме. Ова се сеќавања за да нѐ потсетат на време одвеано од виорот. Тие ќе нѐ исполнат, но и наежат. Дали некој сѐ уште ја помни милозвучната музичка најава за почеток на легендарната „101 приказна“ со славните Борис Мајсторов и Никола Афтовски? Дали некој ги помни нивната волшебна дикција, примена на ономатопеја, бојата на гласот и актерската умешност кога секоја вечер во 19 часот ќе се изнаредевме со ушите потпрени на скромниот радиоапарат од кој радиобранувањата ни ја предизвикуваа лутината за промашен миг од текстот? Велевме дека се мешаат станиците. Изутрината, нога пред нога за на училиште со гласни коментари за синоќешната приказна на мајсторите на раскажувањето. Исто така, со душа ќе ја чекавме радиодрамата за деца на македонското радио – Радио Скопје во недела напладне.
Ќе си рече некој, било па поминало. Така е, но вистинска вредност треба да се зачува како традиција. Нашето минато и сегашност се нашата иднина. Традицијата била и е таа што во своите пазуви треба љубоморно да ги чува сите добри и лоши сеќавања што ќе бидат предмет на анализи и заклучоци. Така се градат сегашност и иднина оти ништо не е за фрлање односно за заборав. Некогаш тоа било реалност и вистина. Сега генерациите треба да помнат за да пренесат. Можеби сме биле и на погрешен пат. Нека е и така. Но грешките треба да се исправат за да се отворат нова перспектива и успешен пат по кој ќе чекориме.
Во шеесеттите од минатиот век, Гостивар беше гратче со калдрма. Поплочен со камени коцки во централниот дел. Периферијата беше со непоплочени улици полни здрава прашина. Каква е таа здрава прашина? Како деца, ние постојано игравме фудбал боси, најчесто на улица. Од главата до петиците бевме покриени со облаци од прашина. Никој од нас не се разболе посериозно. Можеби тоа тестирање на нашиот имунитет го намали значењето на фармацевтската индустрија. Лек за сите болки беше комбиниран прашок завиткан во обична хартија. Денес како муштерии, а не како пациенти, одиме по аптеките за да испазариме полни најлони лекови. Џвакавме катран оставен во буриња за потребите на дигалката што црпеше песок од Вардар. На тој начин го покривавме недостатокот од гуми за џвакање. Дел од катранот ќе стврдневме и правевме џамлии. Стаклените џамлии стасаа дури години отпосле, и тоа во валчеста форма, која не нудеше прецизност. Веќе напишав дека станува збор за „култура на помнење“. Денешната младост живее свој живот. Можеме да споредуваме аргументи, но младоста секогаш е во право – дури и кога не е тоа. Таа е навикната на комодитет и изобилство. Но ако искуствата се испомешаат, тогаш симбиозата може да биде мошне корисна.
Пролетта е посебна инспирација за опис и освежување на далечни сеќавања. Овој пат нема многу да се занимавам со мојата Њу сетлмент – Дутлок, која како населба беше пандан на белградско Дедиње. Едноставно, ќе се префрлам на Гостивар, првиот град од изворот на Вардар, кој имаше и има со што да се пофали. Ќе пишувам за гостиварската калдрма и нејзините приказни. А тие велат дека во меморијата на постарите граѓани од сите етникуми градот дишеше со еден здив, со минато, сегашност и иднина, со насмевки, шеги и ситни надмудрувања, кои нѐ правеа среќни и исполнети.
Во минатото во Гостивар се негувала хорска музика. Горди сме на хорот на маестро Шивачки, кој е далечно минато. Приредби во Соколаната – подоцна ДТВ – Партизан. Потоа продолжение на музичката традиција со професорот Јанко Михајловски, Мишко, Павле Поповски, Страко Смиљановски, басот Столе кондураџијата. Еснафи за серенади и матинеа. Имавме величествено корзо, имавме и културен дом, а во една од двете сали, игранки. Веднаш стаса и конкуренцијата. Игранки се одржуваа и на накренатиот од влага паркет во Пожарникарскиот дом. Имавме музички и бит-состави. Адријано Челентано гостиварда Цано беше шнајдер со автентичен, незаборавен глас. Со него заедно, Музо саксофонистот. Потоа ВИС „Торнадо“ со Енвер, Невзат, Идризи, Халис, Грева, Карајанов, Аудини и почитуваниот новинар на „Нова Македонија“ покоен Киро Кипровски – легенда, како менаџер на групата. Беа формирани и легендарните ВИС „Ѕвезди“ со Гатал, Перо…
Можевме да се пофалиме со фудбалскиот клуб Братство, кој играше во македонско-косовска фудбалска лига. Боите на клубот ги бранеа Сиљановски, Аталко, Михајловски, Фарко, Салко, Клинче, а тренер беше Самет Карпузи, со велосипедот како талисман… Поголемиот дел од играчкиот кадар беа вработени или во шивачка задруга или во берберска задруга. По натпреварите, таму беше место за жолчни расправии. Подоцна, во 1969 година, Ф-ка Маврово го освои аматерското првенство на Југославија победувајќи го ЖАК од Кикинда на пенали. Овој успех го постигнаа Синадиновски, Реџепи, Гулеци, Аврамовски, Апостоловски, Кецман, Балта, Карпузи, Топаловски, а тренер беше Борче Синадиновски…
По Скопје, врвен кошаркарски центар во Македонија беше Гостивар. На малиот спортски центар зад плацот со огромни камени блокови на претпријатието „Мермери“ имавме летно кошаркарско игралиште со осветление, каде што гостуваа Корач, Ѓерѓа и другите југословенски кошаркарски ведети. Таму се организираа и игранки со музика од Сан Ремо. Се поддржуваа Рита Павоне и Џиљола Чинквети, се копираа Присли, Чаби Чекер и твистот, Плетерсите, Клиф Ричард, Томи Стил, Роко Граната, Синатра. По генерацијата на Тримчевски, Давидовски, Наумчевски, Б. Софрониески и другите, стасаа млади предводени од Благоја Ќипровски, Љупче и Токи Ѓуровски, Ристе Коруновски, Синиша Софрониески. Ѓ. Куновски, Кошута. На истиот плац имаше и земјен тениски терен. Во текот на 2025/2026 година, на плацот помеѓу двата градски стадиони, се направија два тениски терени како продолжение на традицијата. Имавме и женски кошаркарски и ракометен клуб.
На гостиварската калдрма опстојуваа и две слаткарници. Легендарната „Рекорд“ на Ади, која и денес е белег и гордост на градот, и наспроти неа „Палма“ на Јовица, која, за жал, одамна згасна. По Дебарска улица имаше уште една на семејството Аруч, ама и таа згасна, но никнаа многу други. За „Рекорд“ нема што повеќе да се каже освен дека е совршенство на ориентална палета на баклави и тулумби, на боза, сутлијаш и шеќерпариња. За киното „Култура“ доста беше напишано, иако на таа сала со дрвени столчиња и вжарена печка на дрва можат да ѝ позавидат денешниве.
Малку по малку, калдрмата замина во минатото, а улиците ги покри асфалт. Ги нема повеќе ниту плажите на во минатото бистриот Вардар. Во очекување на подобри времиња, им даваме целосна подршка на сите раководни структури што го водат и ќе го водат градот и на младите генерации, кои во некоја друга подалечна иднина ќе напишат нешто што ќе ја потврди долгогодишната традиција на убави нешта.
Авторот е писател
Љубомир Јованоски
































