Светот исчезнал во педесеттите години од минатиот век и сѐ што сега гледаме, слушаме и доживуваме се само симулациски холограми на вистинските луѓе и вистинските збиднувања. Борбата за освојување на просторот во етерот сѐ повеќе се претвора во цензура на појасите на слободна волја, зона на пресметка со стварноста. Од тој молскавичен поход на апсолутна медијализација не беше и не е изземен и нашиот (македонски) дел од стварноста. И од брзоплето прифаќање и неумерено повторување на масмедиумските обрасци, и нашиот медиумски хоризонт забрзано се испразни и се преобрази во фрактал-стварност создадена врз принципите на технолошката жанровска разновидност.
Вести, вести, вести, вести, вести… непрестано се поттураат, под носот, пред погледот, преку грижливо одбрани фрактални журналистички месии… Вести, вести, вести… одекнува во етерот, како пораки испратени од духовни, астрални и етерички битија, преку медиумски мистици и челенџери, кои се натпреваруваат да нѐ’ воведат во матрица слична на предрелигиска доба во која, веројатно, луѓето комуницирале со други димензии.
„А бе, знаеш, те читам, следам и некако си ми неразбирлив и комплициран, иако себеси се сметам за образован и информиран“, ми вели онака едноставно и со доза на блага иронија на една случајна средба еден мој драг, стар пријател. „А бе, знаеш како е“, се обидувам да одговорам и да се „одбранам“ во едно. Голем дел од македонскиот медиумски простор е демократизиран и отворен и поткренат на степен на тривијалност, невкус, простотилак, сеир. И така понекогаш од инает, во знак на протест се обидувам да бидам, ако ништо друго, барем различен. Знаеш она, сѐ едно исто во нашите медиуми, блогерај, поткасти, наткасти на социјалните мрежи. Невкусни коментари, сурова борба за освојување повеќе простор. Пресметки, навреди, грд вокабулар, при што веќе не се одбираат ни зборови ни средства, се гази, се плука, навредува… па така, се обидувам да останам во рамките на пристојноста и одговорноста за јавно напишаното, изреченото.
А фракталите настануваат кога некоја процедура се повторува врз резултатот од неа и така сѐ додека не се појави ново квалитетно ниво, нова емергенциска вредност што е секогаш повеќе од збирот на процедурите што си ги презел и препознавањата што постепено те обземаат. Стопати изговорена лага станува нова емергенциска вредност – вистина, ќе прочитаат и коментираат и подвлечат дежурните циници.
Борбата за освојување на просторот во етерот сѐ повеќе се претвора во цензура на појасите на слободна волја. Македонската глобална медиумска шема е претворена во зона на пресметка со стварноста. Нашето внимание и трпение, кои секојдневно се изложени на баражната медиумска ескалација, не се третираат како симптом на зависност, ниту психотично однесување. Нашиот вперен поглед, кроткост и милост се верификуваат како знак на општествено психолошка оспособеност и нужност при распределбата на ролјите во светот во кој владеат медиумите.
Вести, вест, вести… 24 часа вести, бомбардираат медиумите. Денес и војните, освен за некои што директно учествуваат во нив, се медијализирани и претворени во непрекинат виртуелен тек на каналите што 24 часа емитуваат вести и директно се вклучуваат во настаните во сите делови на светот, силно е стеснет и анектиран просторот од информации и технологии што се побрзи и од самата реалност. Преку електронските пораки, интернетот и другите медиуми, луѓето доаѓаат во допир со над 100 илјади збора на ден – што е еквивалент на 23 збора во минута. Според истражувањата, дијапазонот на зборови со кои се среќаваме е 34 гигабајти информации, пресметки што се базираат на збирот на зборови од информации до кои се доаѓа со читање, гледање телевизија, слушање радио, интернет, електронски пораки. Научниците, сепак, веруваат и нагласуваат дека човекот има капацитет да се менува, да расте когнитивно и да се справува со предизвиците во неизвесната и претежно електронска иднина, во која е веќе воспоставен нов вид империја – хелиоцентричен онтолошки систем во кој смислата не се врти повеќе околу нас, туку ние секојдневно сме во еден коперникански хаотичен грч во обидот да му се доближиме на медиумскиот Франкенштајн. А на некои мои пријатели-читатели на темите и дилемите во текстот им порачувам да не „очајуваат“ ако има нешто неразбирливо во текстов, нека го остават настрана и нека чекаат. Времињата се такви, конфузни, невротични, молскавични, а текстот сам ќе им се приближи и ќе им каже.
Аљоша Симјановски
































