Забележан најголемиот исчекор кон мир во повеќемесечниот конфликт на Блискиот Исток
- Договорот со Исламската Република Иран сега е комплетиран, напиша американскиот претседател Доналд Трамп на неговата платформа Трут сошл, откако пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф, чија земја служеше како медијатор во преговорите, објави дека е постигнат договор. Потпишувањето на меморандумот за разбирање е предвидено за петок во Швајцарија
Американските и иранските претставници изјавија дека постигнале прелиминарен договор за прекин на војната и повторно отворање на Ормускиот Теснец, што предизвика пад на цените на нафтата, додека нуклеарната програма на Техеран останува предмет на понатамошни преговори, објавува „Ројтерс“. Иако сè уште е во нацрт-верзија, договорот го означува најголемиот исчекор кон решавање на конфликтот.
– Договорот со Исламската Република Иран сега е комплетиран – напиша американскиот претседател Доналд Трамп на неговата платформа Трут сошл, откако пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф, чија земја служеше како медијатор во преговорите, објави дека е постигнат договор.
Потпишувањето на меморандумот за разбирање е предвидено за петок во Швајцарија.
Илјадници беа убиени, главно во Иран и Либан, откако американските и израелските сили првпат го нападнаа Иран на 28 февруари. Исламската Република потоа возврати со напади врз Израел и врз земјите од Персискиот Залив што се домаќини на американски бази и ефикасно го блокира Ормускиот Теснец, што доведе до зголемување на глобалните цени на енергијата. Американските сили потоа ги блокираа иранските пристаништа.
Преговори за поширок договор за време на 60-дневно примирје
Точните услови на постигнатиот договор не беа веднаш познати. Шариф во објава на Икс наведе дека договорот повикува на „итно и трајно прекинување на воените операции на сите фронтови, вклучувајќи го и Либан“. Либан е камен на сопнување во преговорите, при што Израел и Хезболах ги игнорираат повиците од Трамп и други светски лидери да прекинат со меѓусебни напади.
Секретаријатот на Врховниот совет за национална безбедност на Иран во соопштение истакна дека војната и воените операции на сите фронтови, вклучувајќи го и Либан, ќе завршат трајно. Заменик-министерот за надворешни работи на Иран, Казем Гарибабади, рече дека ќе се преговара за поширок договор за време на 60-дневниот период на прекин на огнот, вклучувајќи и олеснување на санкциите за Иран.
Пред да биде објавен договорот, висок ирански функционер изјави за „Ројтерс“ дека, според условите на нацртот, САД ќе се согласат да ослободат 25 милијарди долари замрзнати ирански средства. Администрацијата на Трамп претходно изјави дека секое ослободување ирански пари ќе се случи само откако Иран ќе исполни одредени услови од мировниот договор.
Прашањето за нуклеарната програма на Иран ќе биде разгледано во подоцнежни разговори, според извори на „Ројтерс“. Немаше непосредна реакција на соопштението од Израел, чии власти нагласија дека не биле дел од разговорите меѓу САД и Иран.
Трамп: Пуштете ја нафтата нека тече
Трамп рече дека Ормускиот Теснец (главна бродска рута за глобални испораки на нафта и гас), кој Иран ефикасно го држеше затворен со месеци, ќе биде отворен в петок, додавајќи дека наредил прекин на блокадата на иранските пристаништа од страна на САД.
– Бродови на светот, вклучете ги вашите мотори. Пуштете ја нафтата да тече – напиша Трамп.
Цените на нафтата паднаа по вестите. Фјучерсите за сурова нафта паднаа за четири отсто во раното тргување во понеделникот. Анкетите на јавното мислење во САД покажуваат дека Американците се длабоко фрустрирани од зголемувањето на цените на бензинот пред среднорочните избори во ноември. Но Трамп се соочи и со притисок од членовите на неговата партија, кои инсистираат дека нуклеарната програма на Иран мора целосно да се укине.
Поранешниот портпарол на Стејт департментот во администрацијата на претходниот претседател Џо Бајден, Метју Милер, рече дека Трамп направил важни отстапки кон Иран за да го постигне статус квото што постоело пред да ја започне војната.
– Немаме гаранции дека нуклеарната програма ќе биде разгледана, но Иран му покажа на светот дека може да ја земе глобалната економија како заложник и да добие нешто од САД за возврат – рече Милер.
За време на неговиот прв мандат, Трамп ги повлече САД од мултилатералниот договор со Иран од 2015 година, договорен од американскиот претседател Барак Обама, со кој беа укинати санкциите врз Техеран во замена за ограничувања на неговата нуклеарна програма, вклучувајќи ги и меѓународните инспекции. Се смета дека Иран одговори со зголемување на збогатувањето на ураниум, произведувајќи повеќе од 400 килограми материјал. Можното справување со тој ураниум веројатно ќе биде клучна преговарачка точка за време на претстојните разговори, според светските медиуми. Р.С.
Израел не се согласува со барањата поврзани со Либан
Договорот беше потпишан и покрај израелскиот напад врз Либан во неделата, што предизвика критики и од Иран и од американскиот претседател Доналд Трамп. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху не се согласи со Трамп во врска со американските барања Израел да ги ограничи своите воени дејства во Либан за да им овозможи на САД да постигнат договор со Иран. Израел соопшти дека ќе ја задржи слободата на воени операции во Либан, додека Иран го направи целосниот прекин на огнот важна компонента на своите барања.
Трамп го информирал Нетанјаху за напредокот кон мировен договор за време на телефонски разговор во неделата, објавија израелски медиуми, цитирајќи висок функционер. Р.С.


































