- Во фокусот на четвртиот самит на албанската дијаспора во Тирана беа изјавите на албанскиот премиер што се однесуваат директно на положбата на Албанците надвор од границите на Албанија. Формулацијата дека „иднината на Албанија се пишува секаде каде што живеат Албанци“ не е само реторика за дијаспората туку и порака со јасна политичка тежина. Таа имплицира концепт на наднационално поврзување што ја надминува класичната државна рамка
- Она што е особено индикативно е повторното собирање на албанскиот политички фактор токму во Тирана. Овој симболичен избор на локација не е случаен. Тој ја потврдува улогата на Албанија како политички и идеолошки центар за Албанците во регионот. Во поширока перспектива, ваквите процеси се вклопуваат во идејата за создавање поширок албански простор со силни политички и институционални врски. Иако ова не се именува директно, концептот на „голема Албанија“ останува присутен како подземна политичка идеја. За Македонија, ваквите развои претставуваат сериозен предизвик
Четвртиот самит на албанската дијаспора во Тирана не е само уште една дипломатска средба со симболичен карактер. Напротив, пораките што произлегоа од него отвораат сериозни дилеми за политичките насоки во регионот и особено за односите на албанскиот кампус од Македонија и од регионов кон Македонија. Со овој настан Тирана повторно се позиционираше како центар на координација на поширок албански политички корпус, кој не ги крие своите долгорочни амбиции.
Во фокусот на четвртиот самит на албанската дијаспора во Тирана беа изјавите на албанскиот премиер што се однесуваат директно на положбата на Албанците надвор од границите на Албанија. Формулацијата дека „иднината на Албанија се пишува секаде каде што живеат Албанци“ не е само реторика за дијаспората туку и порака со јасна политичка тежина. Таа имплицира концепт на наднационално поврзување што ја надминува класичната државна рамка. Особено загрижувачки е делот во кој Албанците во Македонија се дефинираат како „државотворен народ“. Ваквата квалификација отвора прашања за почитувањето на суверенитетот и уставниот поредок на една независна држава и мешање во внатрешните работи на Македонија. Во меѓународната пракса, ваквите изјави често се толкуваат како обид за политичко влијание и редефинирање на внатрешните односи во друга земја.
Самитот во Тирана, по четврти пат, испраќа сигнал дека постои континуитет на една политичка линија што не е прекината од времето на т.н. Призренска лига. Од поновата историја, за потсетување се и 2017 година и лансирањето на т.н. Тиранска платформа. Таа беше само уште едно поглавје што ја остава во живот големоалбанската политичка агенда, за која многу аналитичари тврдат дека е анахрона. А се гледа дека не се во право!
Нејзините клучни точки, уставноправно редефинирање на Македонија, институционална трансформација, прекројување, регионализација, федерализација, па и осамостојување на етничка база, повторно се актуализираат, макар и индиректно. Во тој контекст, учеството на претставници на албанските партии од Македонија не може да се гледа како протоколарно. Напротив, нивното присуство и изјави укажуваат на постоење на политичка синхронизација со Тирана. Ова особено важи за ДУИ и нејзиниот лидер, чија реторика на самитот беше далеку од умерена. Пораките дека „Македонија не може да преживее без Албанците“ и дека „нејзините денови се одброени“ не се само политички став, туку сериозен сигнал за радикализација на дискурсот. Ваквите изјави ја поткопуваат довербата и отвораат простор за нови етнички тензии. Дополнително, инсистирањето дека статусот на албанскиот јазик е загрозен, и покрај постојните законски решенија, создава наратив на постојана криза. Тоа, пак, служи како оправдување за понатамошни политички барања и притисоци.
Она што е особено индикативно е повторното собирање на албанскиот политички фактор токму во Тирана. Овој симболичен избор на локација не е случаен. Тој ја потврдува улогата на Албанија како политички и идеолошки центар за Албанците во регионот. Во поширока перспектива, ваквите процеси се вклопуваат во идејата за создавање поширок албански простор со силни политички и институционални врски. Иако ова не се именува директно, концептот на „голема Албанија“ останува присутен како подземна политичка идеја.
За Македонија, ваквите развои претставуваат сериозен предизвик. Наместо зајакнување на внатрешната кохезија, се отвораат прашања за унитарниот карактер на државата. Федерализацијата како опција е она што индиректно се наметнува. Сето ова укажува дека самитот во Тирана не е изолиран настан туку дел од поширока стратегија. Таа стратегија има јасна насока, а тоа е зголемување на политичкото влијание и редефинирање на односите во регионот, но прашање е кој во заднина сѐ уште има интерес да го поддржува тоа. Во истиот контекст се наметнува уште едно прашање. Имено, како ќе се постави во иднина Македонија? Дали ќе успее да ги зачува својот унитарен карактер и институционална стабилност или ќе биде вовлечена во процеси што можат да ја променат нејзината суштина? Ние сме начисто по овој одговор, но геополитичките и геоекономските притисоци што ќе следуваат во иднина не треба да нѐ поколебаат за да „свиткаме ‘рбет“ одново.
































