Фото: Нова Македонија

Основното јавно обвинителство Обвинителство Кавадарци поведе истражна постапка против две лица од селото Корешница, осомничени за кривично дело грабнување.

Според соопштението на Обвинителството, осомничените, на возраст од 37 и 30 години, на 12 април заедно грабнале лице од дворот на неговиот дом во Неготино. Целта им била да го присилат да признае на видео дека силувал сопруга на првоосомничениот.

При грабнувањето, едниот од осомничените користел пиштол со кој му се заканувал на оштетениот. Тие го внеле во автомобил и се упатиле по стариот пат кон Демир Капија, при што цело време физички го малтретирале и му се заканувале по живот.

Му го одзеле мобилниот телефон, му ставиле ќеси на главата за да не гледа каде се движат, а во шумска област го принудувале да слуша аудио снимки и да признае вина. Бидејќи одбивал, продолжиле со закани дека ќе го силуваат и убијат, нанесувајќи му тешки телесни повреди со боксови и пластична цевка, појаснија од Обвинителството.

Сепак, пред да му го одземат телефонот, оштетениот успеал да испрати порака за помош до полицијата, а сведоци го забележале моментот на грабнувањето.

Полицијата брзо ги идентификувала осомничените. Откако сфатиле дека се откриени, тие сами го однеле оштетениот во полициската станица во Неготино.

Поради сериозноста на делото и опасноста од бегство или повторување на кривичното дело, обвинителството побарало мерка притвор за двајцата осомничени.