Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Украина веќе оваа недела ќе започне разговори со европските партнери за создавање заеднички систем за воздушна одбрана, јавува Укринформ.
– Веќе оваа недела ќе имаме разговори со Европејците – преговори за создавање заеднички систем за воздушна одбрана. Убеден сум: или Украина ќе стане составен дел од европскиот безбедносен систем, или некои во Европа ризикуваат да станат дел од „рускиот свет“ – изјави Зеленски.
Тој нагласи дека Украина не само што ги следи глобалните промени, туку е и меѓу лидерите во развојот на безбедносни технологии, додавајќи дека украинското воено искуство е меѓу најбараните во светот.
– Не градиме нова соработка како во 90-тите или 2000-тите, кога украинското оружје се продаваше како на „црн петок“. Не ги празниме магацините, туку нудиме безбедносно партнерство – долгорочно и профитабилно за Украина – истакна тој.
Зеленски откри дека украинските системи веќе се користат на Блискиот Исток и во земјите од Персискиот Залив, а Украина работи на развој на интегриран систем за воздушна одбрана со повеќе компоненти.
Тој посочи дека земји како Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати и Катар имаат сопствени системи за одбрана од ракети, но дека во комбинација со украинската експертиза можат поефикасно да се справат со закани како беспилотните летала.
– Украина може да обезбеди радарско покривање, електронска борба, комуникација меѓу системите и пресретнување на заканите – сето тоа на високо ниво- рече Зеленски.
Тој додаде дека интерес за украинското искуство постои и во земјите од Азија и Африка, како и дека Украина има уникатно искуство во обезбедување поморска безбедност.
– Никој друг нема спроведено операции како Украина во Црното Море. Ние се соочивме со непријателски флоти, воздушни напади и морски мини – го поминавме сето тоа – нагласи тој.
Зеленски истакна дека Украина веќе развива и извезува напредни воени технологии, вклучувајќи поморски дронови, артилерија и оклопна опрема.
– Ние сме глобален производител на сила и безбедност – и така ќе остане – порача тој.
Тој додаде дека долгорочните безбедносни договори со партнери носат финансиска стабилност за Украина во услови на глобална неизвесност.































