Од 13 до 19 април на патиштата низ Македонија ќе се спроведува засилена контрола на брзината како дел од европската акциска кампања на РОАДПОЛ (ROADPOL).
Македонската сообраќајна полиција се приклучува на оваа акција со интензивни контроли насочени кон санкционирање на возачите кои ја надминуваат дозволената брзина, но и со силен превентивен фокус.
– Кулминацијата на акцијата ќе биде на 15 април, кога од полноќ до полноќ ќе се одржи 24-часовен „Маратон на брзина“. Во овој период ќе има непрекинати контроли на целата територија на државата – велат од МВР.
Надлежните посочуваат дека брзото возење и понатаму е една од главните причини за сообраќајни незгоди со тешки последици, поради што ваквите акции имаат за цел да влијаат врз однесувањето на возачите.
– Се зголемува свесноста за ризиците, се поттикнува долгорочна промена во навиките и се спасуваат човечки животи – посочуваат од полицијата.
Дел од локациите каде ќе се вршат контролите ќе бидат однапред познати, со цел да се засили превентивниот ефект, а не само казнувањето.
РОАДПОЛ „Спид Маратон“ (ROADPOL „Speed Marathon“) се спроведува истовремено во повеќе европски земји и претставува координирана акција за подобрување на безбедноста во сообраќајот.
– Апелот до возачите е јасен – да ја намалат брзината и да ги почитуваат ограничувањата, бидејќи со тоа директно придонесуваат за поголема безбедност на патиштата – велат од МВР.

































