Фото: Доналд Трамп/Фејсбук профил

Американскиот претседател Доналд Трамп го обвини Иран дека не го исполнил ветувањето за отворање на Ормускиот Теснец и преку својата мрежа „Трут соушал“ (Truth Social) порача дека Техеран ги крши меѓународните закони и ја загрозува глобалната безбедност.

-Иран вети дека ќе го отвори Ормускиот Теснец и свесно не го стори тоа, предизвикувајќи вознемиреност и страдање кај многу народи низ светот. Тие тврдат дека поставиле мини во морето, иако речиси целата нивна морнарица е уништена. Мора веднаш и брзо да започне процесот на отворање на тој меѓународен пловен пат –  напиша Трамп.

Тој додаде дека е целосно информиран од потпретседателот Џеј Ди Венс и од специјалните пратеници Стив Виткоф и Џаред Кушнер за 20-часовниот состанок со иранските претставници одржан во Исламабад. Трамп истакна дека иако неговите претставници развиле коректен однос со иранските преговарачи Мохамад Багер Галибаф, Абас Арагчи и Али Багери, тие останале непопустливи за најважната тема, пренесе МИА.

– Важно е само едно – Иран не сака да се откаже од своите нуклеарни амбиции. Како што зборувам со години – Иран никогаш нема да има нуклеарно оружје – дециден е американскиот претседател, кој упати и благодарност до пакистанското раководство за медијацијата.