Еврејската заедница во Македонија информира дека денеска, 12 април, бил направен обид за опожарување на објектот на Еврејската заедница и на Синагогата во Скопје.
-За првпат во поновата историја, беше извршен обид за опожарување на објектот на Еврејската заедница и Синагогата. Овој чин не е само напад врз еден верски објект, туку длабоко вознемирувачки удар врз темелните вредности на цивилизираното општество – соживотот, достоинството и заемната почит. Еврејската заедница, како најмалубројна, но историски длабоко вкоренета заедница на овие простори уште од времето на Антиката, отсекогаш го градела својот опстанок и придонес врз принципите на мир, солидарност и заедништво. Ние сме живееле посебно во нашите верски традиции, но заедно во секојдневието – рамо до рамо со сите наши сограѓани, споделувајќи ги и радостите и премрежјата на ова општество – стои во соопштението на Еврејската заедница во Македонија.
Оттаму велат дека во последно време се повеќе се засилуваат појавите на говор на омраза, нетолеранција и опасно поистоветување на Евреите со сложените геополитички случувања на Блискиот Исток, теза што е погрешна и неправедна.
-Со особена загриженост констатираме дека во последните години се засилуваат појавите на говор на омраза, нетолеранција и опасно поистоветување на Евреите со сложените геополитички случувања на Блискиот Исток. Таквите тенденции не се само погрешни, туку и длабоко неправедни, и тие го отвораат патот за оживување на антисемитизмот – појава која човештвото одамна требаше да ја остави зад себе. Обидот за подметнување пожар е алармантна последица токму на таквата атмосфера. Остро и недвосмислено го осудуваме овој чин. Истовремено, повикуваме на јасна, гласна и обединета осуда од сите верски лидери, институции и граѓани. Само преку заедничка одговорност и будност можеме да обезбедиме ваквите појави никогаш повеќе да не се повторат – наведува претседателот на Еврејската заедница во Македонија, Пепо Леви, во соопштението од Заедницата.
Членовите на Еврејската заедница апелираат до надлежните органи целосно да го расветлат случајот и бараат доследна примена на законите.
-Уште поважно, апелираме до совеста на општеството – да не дозволиме омразата, стравот и незнаењето да станат погласни од разумот, човечноста и правдата – велат од Еврејската заедница.

































