Мистична Македонија – музеј под отворено небо
м-р Никола Ристевски
Воскресението Христово, кое се празнува на Велигден, е најголемиот, најстариот и најсветлиот христијански празник, кој ја претставува суштината на христијанската вера. Нашата Македонија е земја со најстаро име на европскиот континент.
Македонија е спомената во Библијата неколку десетици пати, во зависност од преводот, и е портата на христијанството кон Европа уште од децениите по распнувањето и воскреснувањето на Исус Христос. Верата во Христа била донесена од апостол Павле, откако на видение му се појавил Македонец, со раширени раце повикувајќи го напомош во Македонија. Според Библијата, покрстувањето на Света Лидија Македонка го отворило патот на христијанството во Европа. Неколку века подоцна, во Македонија престојувал и Свети Еразмо Охридски, а откако во 4 век од нашата ера христијанството било признаено за официјална религија, во Македонија се изградиле и многу ранохристијански храмови, од кои дел се видливи и ден-денес. Во 6 век била создадена Јустинијана Прима – Првата вистина на Јустинијан, родум од Македонија. Автокефалната архиепископија Јустинијана Прима ги претставува основите на Охридската архиепископија. Во 9 век од нашата ера, уште еден светител оставил голема трага врз духовниот и културен живот – Свети Климент Охридски, основачот на првиот универзитет во Европа и првиот македонски епископ. Како ученици на Светите Кирил и Методиј, заедно со неговиот духовен брат – Свети Наум Охридски, направиле подвиг што се памети до ден-денес.
Верата во воскресението за нашите предци била врховен мотив за опстојување низ вековите. Велигденските пости содржат значајни празници за кои народот од памтивек практикувал обичаи зачувани и денес. Простено на Прочка, преку Летник, Младенци, Цветници, Лазарева сабота до Страсната седмица – последната седмица од велигденскиот пост до Велигден.
Најшироко распространетата традиција за Велигден е бојадисувањето (вапсувањето) велигденски јајца со црвена боја. Црвената боја ја симболизира крвта на Христос, која течела кога бил распнат на крстот, а јајцето е симбол на повторното раѓање, преродбата – воскресението. Велигденските јајца се поврзани со рамноапостолната Марија Магдалена. Според преданијата, кога заедно со другите жени дошле пред крстот на кој бил распнат Исус, оставила крошна со јајца, кои од капењето на крвта станале црвени. Постои и предание според кое Марија Магдалена отишла кај римскиот император со кошница јајца и кога го поздравила со „Христос воскресе“, тој ѝ одговорил дека „тоа било невозможно, како што било невозможно и јајцето да се претвори во црвено“. Во тој момент јајцето што го држела во раката поцрвенело.
Православните христијани со векови си подаруваат и се кршат со велигденски јајца поздравувајќи се со зборовите „Христос воскресе“ и „Навистина воскресе“, симболично потсетувајќи се на Христовото воскресение, победата над смртта и спасението. Велигденските јајца се бојадисуваат во рани мугри на Велики четврток, а за првото вапсано јајце, македонскиот народ со векови раскажува дека има голема моќ, употребувајќи го ритуално за заштита од град, суша и слично. Народното верување за моќта на јајцето како симбол на плодноста и бериќетот е претставено преку бањањето на децата: „црвено – бело, здраво – живо“. Во коритата со вода се ставале билки – здравец, вртика… народот уште верува дека „сè бидува од јајцето“. Пред неколку децении низ целиот свет одекна веста дека најстарите писмени докази за вапсување црвени јајца за Велигден се од 13 век, а први што го правеле тоа биле Македонците.
Последната седмица пред Велигден – Страдалната недела, нарекувана и Велика, Страсна и Глува недела ги претставува последните денови на Исус Христос во Ерусалим. Сите денови од оваа седмица се нарекуваат велики или „вели“. Велики четврток е денот кога се одржала тајната вечера. Велики петок е денот на распнувањето на крстот. Велика сабота е денот во кој се потсетуваме за гробот на Исус Христос и неговото симнување во адот. Доцна вечерта на Велика сабота пред полноќ започнува велигденската богослужба, проследена со литии околу црквите, а откако на полноќ торжествено ќе се објави радосната вест, „Христос воскресна – навистина воскресна“, се одржува Велигденската литургија. Велигден, кој е секогаш во недела, е најрадосниот празник кај православните христијани, кои претставуваат мнозинство во Република Македонија.
Празнувањето на Велигден или Велик ден е поврзано со фазите на месечината, па затоа и празникот е „подвижен“. Обичаите што се паметат и се практикуваат и ден-денес во периодот од пред Велигден, преку Ѓурѓовден, Спасовден, Преображение, Крстовден и понатаму до Коледе и Божиќ, сведочат за старите верувања што се зачувале во Македонија уште од памтивек до денес. Значаен дел од македонската традиција претставуваат и велигденските народни песни, категоризирани како лирски обредни календарски песни, кои се исполнуваат во текот на трите дена од празникот Велигден и кои пеат за Христовото воскресение, за христијанските светители, за причесната, а некои од нив се и ороводни песни. Во многу велигденски песни се пее и за разбудената природа и за враќањето на топлината и животот, но и за јунаци од минатото, најчесто за Крал Марко. Забележани се и верувања поврзани со ѕвездите и Велигден – полукружниот распоред на ѕвездите во соѕвездието Северна Круна (Corona Borealis), кои „се гледаат цело лето“, се познати како „трпеза“, „софра“, но и „тајна вечера“ и „божја трпеза“. Исти и слични именувања за „многуте ситни ѕвезди што се во круг околу поголема ѕвезда како на софра“ се познати во многу краишта на Македонија. Македонските православни храмови изобилуваат со фрески, икони и дрворези што ги претставуваат Страдалната седмица и воскресението.
Христос воскресна од мртвите, смртта со смрт ја победии на тие во гробовите живот им дарува!
продолжува
(Авторот е долгогодишен истражувач на македонските природни ресурси и културно наследство)
































