Видеотека
- „Чунгкинг експрес“ го предизвикува она чувство на меланхоличност, нешто што можеби е во спротивност со брзиот дух и нема многу допирни точки со градот Хонгконг. Она познато чувство на отуѓеност лебди низ атмосферата на целиот филм. Тоа „неприпаѓање“ што филмот го доловува – меѓу луѓе, меѓу места, па дури и во сопствената кожа – е нешто во кое лесно можеме да се препознаеме, независно во која средина се наоѓаме – дали во брзиот милионски Хонгконг или некаде далеку, осамени во пуст предел. „Чунгкинг експрес“ е филм што ќе ве поттикне да трагате по некакво поинакво кино, поинтимно, поискрено, похумано
Во овие празнични денови исполнети со радост и благосостојба секој би сакал да погледне нешто што би му го подобрило расположението и би го опуштило. Името на Вонг Кар Ваи обично не се поврзува со лесни филмови што носат утеха. Напротив – неговиот свет е исполнет со осаменост, невозвратена љубов и тивка тага што пулсира под површината. Но „Чунгкинг експрес“ („Chungking Express“, 1994) е вистински исклучок. Ова безвременско филмско дело на прославениот јапонски режисер Кар Ваи, познат по наслови како што се „Во љубовно расположение“, „2046“ и „Велемајсторот“, ги носи сите негови препознатливи теми, а сепак зрачи со некаква неочекувана леснотија и радост. „Чунгкинг експрес“ е еден од оние филмови што кога ги гледате влијаат да се чувствувате добро и пријатно.
Приказната следи двајца полицајци во Хонгконг, кои на два различни начина се справуваат со своето скршено срце. Такеши Канеширо или полицаецот 255 е заробен во сопствената носталгија. Тој купува конзерви ананас со рок на траење што симболично му ја одбројуваат љубовта, трча до исцрпеност, додека неговите солзи не пресушат, и упорно одбива да продолжи понатаму со животот. Неговата приказна добива ноар-нишка кога се вкрстува со мистериозната жена Бриџит Лин – фигура како излезена од неонска ноќна мора, со „блонд“ перика, стилски очила за сонце и тајни што никогаш целосно не се откриваат.
Во втората половина, филмот прави нежен пресврт. Тони Леунг Чиу-ваи е полицаецот 663 – тивок, повлечен, оставен од девојката и затворен во сопствениот мал свет. Неговата осаменост е речиси апсурдна: разговара со сапунот, со крпите, со мебелот. Во тој свет влегува Фаје Вонг – чудесна, разиграна, но малку хаотична девојка, која ќе почне тивко да му го менува животот, чистејќи му го станот без негово знаење, како да се обидува да го „рестартира“ одвнатре.

Она што го прави „Чунгкинг експрес“ толку посебен е токму тој баланс: филмот е истовремено чуден и искрен, лесен и длабок. Хуморот доаѓа природно, без да ја поништи тагата – напротив, ја прави поподнослива. Хемијата меѓу ликовите е суптилна, ненаметлива, но магнетна. Гледајќи го овој филм, ние сме сведоци на тоа како луѓето се приближуваат еден до друг несигурно, внимателно, како да учат повторно да веруваат.
„Чунгкинг експрес“го предизвикува она чувство на меланхоличност, нешто што можеби е во спротивност со брзиот дух и нема многу допирни точки со градот Хонгконг. Она познато чувство на отуѓеност лебди низ атмосферата на целиот филм. Тоа „неприпаѓање“ што филмот го доловува – меѓу луѓе, меѓу места, па дури и во сопствената кожа – е нешто во кое лесно можеме да се препознаеме, независно во која средина се наоѓаме – дали во брзиот милионски Хонгконг или некаде далеку, осамени во пуст предел. „Чунгкинг експрес“ е филм што ќе ве поттикне да трагате по некакво поинакво кино, поинтимно, поискрено, похумано.
Враќајќи се кон филмовите на Вонг Кар-ваи, сите ќе се согласиме дека „Во љубовно расположение“ останува неговото најсовршено љубовно писмо, „Денови на дивоста“ неговата најмеланхолична исповед, но „Чунгкинг експрес“ е филмот на кој секогаш ќе сакате да му се навратите со големо задоволство. Има нешто заразно во неговата енергија, нешто што те крева во височините, но без да те лаже дека светот е едноставен.
Сцените што го отсликуваат дејството се мали, речиси банални, но полни со живот: човек што разговара со кадифено мече, девојка што танцува зад пулт, со сенф и кечап во рацете, несмасни обиди за флерт со прашањето „дали сакаш ананас?“. Токму во тие моменти филмот ја наоѓа својата топлина.
И покрај сета топла тага и меланхолија што ги носи, „Чунгкинг експрес“ не е тежок филм. Напротив – дејствува како виножито по дожд. Потсетува дека, колку и да сме изгубени во сопствените приказни, секогаш постои можност некој да влезе во нашиот живот и да го помести малку од место. Понекогаш доволно за повторно да поверуваме.
































