фото: Маја Јаневска - Илиева

Во Скопје денеска ќе се одржат две спортски трки, поради што ќе биде воведен посебен режим на сообраќај на повеќе локации низ градот, соопшти Министерството за внатрешни работи.

Со почеток во седум часот ќе се одржи планинската трка „Водно-Матка Треилс 2026“, поради што ќе биде воведен посебен режим на сообраќај на дел од патната мрежа.

Сообраќајот ќе биде привремено затворан во три временски интервали од по пет минути — од седум до 07:05 часот, од осум до 08:05 часот и од девет до 09:05 часот.

Трката ќе започне и ќе заврши во комплексот Македонско село, а трасата ќе се движи по дел од јавниот пат кон селото Горно Нерези (кај џамијата), по што ќе продолжи по планински патеки.

Со почеток во десет часот, ќе се одржи и улична трка во организација на Сојуз на спортови на Скопје.

Трасата почнува од булеварот „Илинден“, кај фонтаната „Лотус“, продолжува до крстосницата со булеварот „8-ми Септември“, каде што учесниците ќе се вртат полукружно и ќе се враќаат назад до стартната позиција.

Од Министерство за внатрешни работи информираат дека Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за регулирање на сообраќајот, при што возилата ќе бидат пренасочувани по околните сообраќајници.

Надлежните апелираат до граѓаните да ги почитуваат наредбите на полициските службеници на локациите каде што ќе се одвива настанот.