МИСТИЧНА МАКЕДОНИЈА – МУЗЕЈ ПОД ОТВОРЕНО НЕБО
Разбирањето на значењето на Македонија бара објективен пристап кон фактите што ги нуди теренот. Овој фељтон е обид да се поттикне свеста дека историското наследство не е само меморија за минатото туку активен ресурс што, доколку се третира со одговорност и стручност, може да понуди насоки за идниот општествен и културен напредок.
Преку овој серијал текстови, целта е да се воспостави јасна корелација меѓу три клучни столба.
Научна валоризација на наследството: Истражување на скриените урбани центри, некрополи и култни места, кои бараат современа методолошка обработка.
Природен и географски потенцијал: Анализа на карактеристиките на теренот што овозможиле долготраен цивилизациски континуитет на овој меридијан.
Одржлива туристичка афирмација: Креирање стратегија каде што културниот туризам не е само економска гранка туку чин на достоинствена промоција на државните вредности.
Молчењето било злато, велеа старите. Златото понекогаш може да ја предизвика човечката алчност, па да го разбуди и злото. Но со истото тоа можат да се направат и многу добрини. Веќе е кристално јасно дека добро/зло е различно од добро/лошо. Старите велеа и дека понекогаш има сè, а недостига само на попот капата. Се разбираме ли кога зборуваме, јасен ли ни е говорот? Го глаголиме ли она што навистина го мислиме и чувствуваме или јазикот знае да биде побрз од мозокот и понекогаш дури многу вешто ни ја вознемирува душата? Освен мислите и чувствата, и зборовите имаат своја бранова должина – фреквенција, односно вибрација, која во комбинација со онаа на мислата и чувството создава вибрација секогаш кога говориме. Познато е дека и во нашата глаголица секоја буква има своја звучна вредност. Во современиот македонски јазик тоа е најзабележливо преку Ѕ, што е реминисценција на ѕело/ѕјало од глаголицата. Старите знаеја да кажат и дека нивните предци отсекогаш биле на овие простори… Дали и колку современиот македонски јазик носи код од древните времиња, веројатно ќе покаже вибрацијата што зрачи во етерот кога зборуваме.
Иако дури и во денешниот наш јазик има сличности со прастариот санскрит, а и со она што го пишувале Македонците пред нашата ера, сведочиме дека сѐ повеќе се губат зборовите што ги употребуваа нашите баби и дедовци пред само неколку децении. Многуте интернационализми, жаргони и сленгови, само ја потиснуваат убавината на македонскиот јазик, но сепак, сѐ уште различните дијалекти воодушевуваат со својата автентичност и итрина. Сѐ уште кога нешто треба да остане видливо само за мал број на луѓе, се комуницира преку кодови, меѓу редови, или толку очебијно, што јасно го открива скриеното значење само за оној/онаа/оние за кој/која/кои е наменето, а за другите слушатели и/ли читатели е само обичен муабет. Исто како и со знаењето, колку човек повеќе знае – толку повеќе не знае, е и со зборувањето – многу често кажаното надолго и нашироко може само да го уништи трансферот на вистината што тргнала да се пренесува, а нашите сетила ја прекршиле, па сенката од плотта го замрачила светлото на тоа што требало да засјае. Тајните говори, кодираните писма и криптираните пораки се карактеристика не само на тајните друштва и организации туку и на Македонците што живееле на овие простори. За да не зјапаме далеку во минатото, можеме да го земеме за пример тајниот говор на нашиот еснаф и писмата на Организацијата. Езотеричните кодови сѐ уште се присутни и забележливи, а јазикот ни останува единствено вистинско средство за израз на стварноста. Оти, уште во почетокот бил зборот. Па, додека преку зборувањето човек лесно може да избега од стварноста, поимањето и разбирањето на истата таа преку говорот може да ни ја зголеми свеста и да ни го разубави животот. Треба да сме БлагоДарни затоа што уште од почетокот сме БлагоСловени со Словото.
Комуникацијата, која и онака се случува и во димензии за кои ние многу често и воопшто не сме свесни, може да биде поедноставена, засилена и олеснета ако се говори она што навистина е вистина, потребно е и има милост во пораката што треба да се пренесе. Телепатијата, комуникацијата од далечина без помош на технологија, пренесувањето пораки преку човечките битија сѐ уште се практикува низ целиот свет. Кога нивото на развој на човекот не е на ниво што може да го употребува она што ни е дадено уште од почетоците на нашиот род, истото тоа ни се пројавува преку навидум случајни проблесоци со кои контактираме со други луѓе без да сме физички заедно. Веројатно затоа во книгите од пред век–два пишува дека луѓето прво комуницирале без збор, а говорот им бил даден за да кокреираат, односно создаваат. Можеле дури и да поместуваат огромни карпи преку вибрација. Потоа, кога говорот зачестил, одредени групи почнале да го користат за манипулација на мнозинството со магиската и окултна моќ на зборот. И сè така до кулата од Вавилон. Дури и Александар му забележувал на Аристотел за тоа што во лекциите и книгите учителот пренесувал знаење на народот, иако тој велел дека пораките во неговите зборови се толку добро скриени, за сепак да можат да бидат разбрани само од оние што се подготвени да го примат тајното знаење. И тајните друштва во своите ритуали имаат толку голема мистика, што секој следен ритуал и степен открива многу, само да ги зголеми незнаењето и конфузноста, а вистината во тајното учење останува само за малкутемина што се на врвот од хиерархијата. И во школите пред нашата ера, дури и кај Питагора, учениците давале завет на молчење, кој можел да трае и до седум години. Молчењето е присутно и во учењето на современите религии и се практикува од следбениците. Паметиме и примери кога им се сечел јазикот на оние што наводно ширеле ерес. Денес тоа се случува преку честата оневозможеност за слободно јавно искажување одредено мнение. Бидејќи вистината е една и вечна, често и нема потреба од збор за да се долови нејзиното присуство.
Сведочиме и дека не секогаш вербалната комуникација го кажува она што навистина го мислиме и чувствуваме. Тишината знае да биде многу пријатна за човекот. Особено кога глаголиме со душата, па нема потреба од зборување затоа што сме свесни за она што милуваме да го проговориме во етерот. И ветерот може да прошепоти, ѕвездите да проговорат, а водата да ни каже дека сме исти. Вистина е дека кој има уши – ќе чуе, и кој има очи – ќе види. Затоа што и покрај сетилата, живееме заради душата, која е од светлина, додека сè друго е од глина. О, душо – проглаголи ми нешто повеќе за убавината на постоењево!
(од книгата „Имагинариум – Имагинариумот на Доктор СонЅе“)
На крајот од секое патување, меѓу етимологијата на зборовите и археологијата на земјата, останува еден простор во кој мастилото е немоќно. Иако низ овој фељтон се обидуваме да ги разјасниме симболите, вистинското значење на Македонија не се наоѓа во напишаното, туку во она што се доживува кога зборовите ќе стивнат. Постои една вечна убавина на овој простор што не подлежи на јазични анализи ниту на историски пресметки. Тоа е вибрацијата на почвата по која газиме, шепотот на ветерот низ античките патишта и мирот што нè обзема пред панорамите што го одземаат здивот. Таа убавина не може да се „прочита“, таа може само да се почувствува со она „четврто око“ – окото на душата. Додека трагаме по материјалните докази за нашиот континуитет, не смееме да заборавиме дека Македонија е и внатрешна состојба. Таа е тишина што кажува сè и светлина што се пробива низ густината на времето. Некои нешта се премногу свети за да бидат целосно заробени во реченици; тие се чуваат во срцето, каде што Македонија не е само тема на разговор туку животно искуство на вечноста…
м-р Никола Ристевски
(продолжува)
































