Дали инцестот и силувањето се вистинското гориво за пат кон Месечината?

Како ваш омилен претседател, сакам денес да ви откријам… ќе одиме на Месечината… Месечината е прекрасна и ние… ќе одлетаме таму… за да ја освоиме… за повторно да ја освоиме таа прекрасна Месечина… И ако не можеме да го освоиме Иран… таа прекрасна земја со прекрасен народ… и гнасни водачи… да, гнасни водачи… Ако не можеме да го освоиме Иран, тогаш ќе ја освоиме Месечината… прекрасната Месечина… И месечарите… да, месечарите… ако се обидат да нè спречат… ќе го почувствуваат нашиот страшен гнев и тогаш… и тогаш ќе ги вратиме месечарите во камена доба…
Русјаков, добар си?
Не. Нема ништо сензационалистички во тоа да си добро. Човек треба да биде вознемирен, згрозен, скандализиран, запрепастен, па да излезе во јавност и нешто да каже, а потоа да биде читан, лајкуван, споделуван, коментиран. А битни нешта се случуваат. Хомосапиенсот се надминува себе и сопствените можности. Театарот на дејствија се проширува. По освојувањето на Украина, Венецуела и Иран, сега тргнуваме накај Месечината. НАСА го лансираше „Артемис 2“ и овој пат нема сомнеж дека стварно тргна натаму. Нема веќе Кјубрик-Мјубрик да се меша во штипки и да шири теории на заговор. За оние што не знаат, Стенли Кјубрик е филмски режисер, сега веќе мртов режисер и околу неговото име се вртат теории дека „Аполо 11“ сосе Армстронг, Колинс и Олдрин всушност „слетале“ на Месечината во неговото филмско студио. Сега тоа нема да се случи. „Артемис 2“ шиба накај Земјиниот сателит и нема ајатолах или некој таму Путин да му застане на пат.
Проблем е што кај нас не се известува доволно за оваа нова мисија на човештвото во вселената. Нордистанските медиуми не посветија вистинско внимание на ова чудесно патешествие, додуша во најблизок комшилук, ама сепак надвор од планетата. А тоа не е играчка. Но, ги разбирам. Факт е дека не можат да најдат некој суштински детаљ за кој ќе се закачат, па истиот тој да привлече огромна читаност, лајкови, коментари, споделувања. Оти, да не се правиме наудрени, сепак медиумите живеат од вест што ќе ја опседне јавноста. Затоа јас сум тука да помогнам. Ако земеме предвид дека нордистанските медиуми ги сметам за врвни, а нордистанската јавност за генијална, тогаш спремен сум да дадам придонес за медиумот и јавноста да се грабнат во страсна прегратка кога на астал е освојување на Месечината од страна на експедицијата на „Артемис 2“.
Добронамерна критика секогаш е корисна, а нашите медиуми не вложија доволно количество енергија, како што најчесто прават, околу мисијата на „Артемис 2“. И тука, како и кај секоја друга вест што ја обработуваат, требаше да се фатат за суштината. А тоа е името. Не залудно мудрите Латини рекле, „Номен ест омен“, а тоа значи, „Името е знак“, „Името претскажува“. Како само го пропуштивте овој детаљ? Па кај нас старото име Македонија ни беше пречка за блескава иднина, а сега, гледајте, новото име Нордистан, сметки ни плаќа.

Значи името и како требаше медиумски да се пренесе оваа многу битна вест со цел огромен интерес и дебата кај јавноста. По „Аполо 11“. кој за првпат го однесе човекот на Месечината, сега ја имаме мисијата на „Артемис 2“. Аполо и Артемис во превод на македонски се Аполон и Артемида. Антички божества. Брат и сестра. Деца на врховниот бог Зевс и неговата швалерка, титанката Лета. Хера, жена му на Зевс, божица на бракот, жените, децата и семејството, која обожавала луксуз и накит, била многу љубоморна и решила да ѝ стави крај на оваа сексуална афера. Затоа мангупот Зевс се претворил себеси во еребица, но и Лета. Тие толку многу се онаделе што летале страсни пердуви, по што швалеркава забременила, па Хера испратила огромен питон да ја прогонува. Но бремената Лета успеала да се породи, додуша во страшни маки, ама родила две дробни близначиња, Аполон и Артемида. Аполон е бог на Сонцето, светлината и вистината, а Артемида на Месечината, ловот и животните. Оттука и името на мисијата, „Артемида 2“. Прва вест затворена.
Дали ви е јасно, вака спакувана вест, каква возбуда и полемика ќе поттикне кај високоинтелигентната и стручна за сè нордистанска јавност? Почнуваме со наслов: „Мисијата ’Артемис 2‘ што ќе ја освојува Месечината го добила името по божицата Артемида, плод на љубовен секс-триаголник или митологија?“ Веќе можам да ги насетам коментарите на сите оние високоморални профили што сами за себе сведочат дека се етички совршени битија. Па нормално дека Зевс ќе ја изневерува Хера со курви, кога таа по цел ден мислела како да се дотерува и заборавала да ги задоволи неговите машки потреби. Што бе нормално, свињо шовинистичка, жената само се грижела за фамилијата, да бев јас, да ми беше мене маж, не питон, сама ќе ѝ ја скинев главата на роспијата. Ама па и таа Лета, кучка, ѝ мрдала опашката, по женети трчала, ако ѝ е што така гадно ги родила двете копилиња.
И тука редакциите на медиумите не чекаат да се разводни муабетот, па улетуваат со следната вест: „Дали сексуалните фрустрации кај брачните сопружници, Зевс и Хера, довело до неверство на мажот при што се родиле вонбрачните близнаци Аполон и Артемида по чии имиња НАСА ги именува своите мисии на Месечината?“, а потоа ќе објаснат, Зевс и Хера не биле само маж и жена туку брат и сестра. Зевс бил затрескан во Хера и откако татко им Крон ја прогонил, братот намирисал шанса за страсни воздишки. Хера прво го одбивала, но Зевс се претворил во накисната кукавица, таа се сожалила, го зела пилето во својата прегратка, па Зевс вараќајќи си лик и тело ја силувал, но толку квалитетно што Хера се заљубила во него и му станала сопруга. Крај на втората вест.

И тука лавината лајкови и коментари веќе никој не може да ја запре. Високоморалните профили на самоканонизирани живи светители, тие генијални мажиња и женички, веднаш ќе се фатат за длабински анализи. Глупости, мене да ми беше сестра, ич немаше потреба да ја силувам, сама ќе ми дадеше, треба да се знае како со жените. Е па, затоа и ја изневерувал, гарант сама со себе не можела да се договори дали повеќе сака да му е сестра или сопруга. Ма, глупача забегана, еве јас како модерна жена да ви објаснам, а бе ќе го оставев да се швалерисува, ма има да ѝ помогнев на таа пачаврата Лета да се породи, а кога овој мојов пак ќе фати да трча по други сукњи, има лично Аполон да си го донесам во постела, па ај да го видам после!
Во ваков момент, мудра редакција, воведува стручна фела и експерти во понатамошниот развој на информацијата и прашува: „Дали инцестот и силувањето се вистинското гориво за пат кон Месечината?“