По повод големиот христијански празник Цветници, во Струга ќе се одржи настанот „Славословие од срцата на децата“, со цел да се одбележи празникот во духот на традицијата, верата и детската креативност.
Настанот ќе се реализира во пријатна празнична атмосфера и ќе вклучува разновидна програма со песни и рецитали, како и конкурси за ликовна и книжевна творба.
Манифестацијата ќе се одржи на 5 април 2026 година, со почеток во 11 часот, во просторот кај црквата „Св. Пречиста Богородица“ во Струга.
-Оваа година, во духот на струшката традиција за прослава на големите христијански празници Лазарева сабота и Цветници, за прв пат организираме празничен настан кој ќе се одржи на местото на црквата Св.Пресвета Богородица – Пречиста Во Струга. Настанот ќе започне во недела 5.4.2026 година во 11 часот и на него ќе бидат прогласени победниците од литературниот и ликовен конкурс на тема: „Срцето го чека Велигден“. Учесници во конкурсот се учениците од двете основните училишта ООУ „Браќа Миладиновци“ и ООУ „Јосип Брзо Тито“. Победниците на конкурсот ќе добијат пригодни награди, а симболични награди ќе добијат сите. Настанот ќе заврши со празничен базар, а собраните средства ќе бидат донирани на двете основни училишта. Се надеваме дека овој настан ќе прерасне во традиционален и ќе се одржува секоја година на празникот Цветници со се поголем број учесници и посетители, од каде што ќе испратиме порака за љубов и меѓусебно разбирање воочи најголемиот Христијански празник Велиген – вели Димитри Ѓоргоноски.
Во рамки на програмата ќе биде организиран и велигденски базар со рачни изработки и празнични украси.
-Ќе направиме сè за овој настан да прерасне во традиционален и да се одржува секоја година на празникот Цветници, со сè поголем број учесници и посетители. Оттаму ќе испратиме порака за љубов и меѓусебно разбирање воочи најголемиот христијански празник Велигден. Токму овој наш настан, во за мене најубавиот град во Македонија, ќе прати порака на љубов, емпатија, солидарност, рабирање. Во нашата Струга и во целата татковина настанот што го организираме има цел да нè потсети дека пред сè сите сме луѓе, а суштинското нешто да бидеме тоа е човечката способност да сакаме, да го покажеме тоа и тоа да ни биде движечкиот мотив за да го направиме градот и државата поубаво место за живеење и за нас и за следните генерации – вели Леоница Чакареска, професор по физика и заменик на директорот во „Браќа Миладиновци“.
Организаторите, Здружение за духовна традиција и континуитет Воведение на Пресвета Богородица-ПРЕЧИСТА, Струга, ги покануваат сите заинтересирани да се приклучат и заеднички да го прослават празникот.































